Белица: Работнички покажа дека може да го победи Шкупи
Работнички во 12.коло од Првата фудбалска лига утре (13 часот) му гостува на Шкупи на Чаир. Ќе биде тоа тежок натпревар за нашиот тим, но искусниот дефанзивец Егзон Белица вели дека атмосферата е одлична по елиминацијата на Шкендија во осминафиналето на Купот.
„Ова е несомнено тежок натпревар за нас, но максимално сме мобилизирани, а овој тим на Работнички можеби досега и покажа дека подобро реагира кога пред себе има посериозен предизвик. Впрочем, на почетокот на првенството и покажавме дека можеме да победиме и против Шкупи. Доаѓаме по еден жесток натпревар во Купот против Шкендија, а интересно е дека во четвртфиналето ќе се сретнеме повторно со Шкупи. Сега сме фокусирани на првенствената пресметка, Чаир е тежок терен, но истовремено ги нуди и сите услови за надигрување. Верувам дека ќе бидеме на потребното ниво и очекувам наша добра игра и резултат што ни одговара“, изјави Егзон Белица.
Натпреварот меѓу Шкупи и Работнички ќе го суди Стојанче Трпчевски од Кавадарци.