Пораз (3-0) од Шкупи на Чаир
Работнички го доживеа седмиот пораз оваа сезона во Првата лига, трет последовен, откако загуби на Чаир од Шкупи со 3-0. Резултатот е можеби полош од прикажаната игра, а по 12.коло Работнички се наоѓа на деветтата позиција на табелата со 13 бода.
Првите дваесетина минути поминаа во игра на средината на теренот, а потоа Влатко Стојановски имаше убава шанса, но неговиот шут од 16 метри не заврши на вистинското место. На одбиената топка налета Мурати, но и тој шутираше непрецизно.
Во 39. минута, Шкупи дојде во водство. Кука шутираше откосо од левата страна, Алексовски ја одби топката, на неа налета Куевен и ја погоди мрежата.
На почетокот на вториот дел, Работнички имаше можност за израмнување од слободен удар. Влатко Стојановски шутираше, го погоди живиот ѕид, а потоа Шкупи разви брз противнапад и Кука успеа да постигне гол за 2-0 во 52.минута.
Шкупи постигна и трет гол преку Куевен во 74.минута и дефинитивно го одлучи победникот.
Во следното коло, Работнички на домашен терен ги пречекува Силекс.