Важен триумф (1-0) против Силекс со десетмина фудбалери
Работнички ја оствари петтата победа оваа сезона во Првата лига откако на домашен терен, на стадионот „Борис Трајковски“, го совлада Силекс со 1-0. Многу важен триумф ако се знае дека тимот играше со десетмина фудбалери речиси половина час, по исклучувањето на Влатко Стојановски во 69.минута.
Стрелец на победничкиот гол за Работнички беше Стефан Деспотовски во 54.минута.
По разделбата со Милан Илиевски, на клупата како привремено решение седна Горан Станиќ и одлично ја заврши работата. По овој триумф, Работнички се наоѓа на седмата позиција со 16 освоени бода.
На тешкиот терен, двата тима не создадоа стопроцентни шанси во првото полувреме. Во 54.минута, Работнички дојде во водство. По корнерот од десната страна, Стефан Деспотовски одлично реагираше во шеснаесетникот и упати прецизен удар кон мрежата на Силекс.
Во 69.минута, Влатко Стојановски доби втор жолт картон и беше исклучен, па Работнички мораше со десетмина фудбалери многу повеќе да внимава на одбраната. Голманот Игор Алексовски имаше неколку одлични интервенции и ја предводеше одбраната до меч без примен погодок.