Работнички и Силекс одиграа реми без голови (0-0) во 30. коло од Првата македонска фудбалска лига. Иако двете екипи имаа свои мотиви и потреба за триумф, на крајот немаше погодоци.
Стартот на мечот во Скопје беше живописен – и Работнички и Силекс отворија со офанзивни намери и висок интензитет. Првата закана ја испрати младиот Димитар Данев со удар од далечина, но голманот Џеков беше на висина на задачата. Темпото потоа падна, „романтичарите“ се затворија, а Силекс немаше креативно решение да го пробие нивниот бедем, па на пауза се замина со 0-0.
Во второто полувреме гостите од Кратово беа поактивни, Работнички играше внимателно во дефанзива, и првенствено чекаше шанса од контранапади.
Дарко Анѓелевски се обиде од далечина со незгоден удар, а потоа повторно се закани со шут откосо, кој беше блокиран и едвај крај стативата. Во финишот, искуството на Ален Јашароски можеше да донесе пресврт, но неговиот обид заврши далеку над голот.
До крајот – без промена. Со ова реми, Работнички е на чекор до официјално осигурување на третото место и враќање на европската сцена.