Работнички на неутрален терен во Унгарија загуби со 3-0 од белорускиот Торпедо-Белаз, во воведниот меч од првото квалификациско коло во Конференциската лига на УЕФА. Тимот на Бојан Маркоски, имаше неколку светли моменти, но недоволни за подобар резултат.
Белорусите поведоа рано, веќе во 11. минута Павел Седко искористи невнимание во одбраната по корнер и го матираше Васко Василев. Работнички се обиде да одговори, најпрво преку Калани Алмеида во 26. минута, чиј удар беше блокиран, а потоа и со убава можност на Дашмир Елези во 42. минута, кој од полуволеј не успеа да ја погоди рамката на голот.
Во второто полувреме, Белорусите ја искористија иницијативата. Вадим Побудеи со силен удар од 25 метри во 64. минута зголеми на 2-0, имаше мала помош и од Велковски, во кого удри топката и го измами голманот Василев.
Конечниот резултат 3-0 го постави Стефен Алфред во судиското надополнување од мечот.
Реваншот се игра за седум дена во Скопје, на Арената Тодор Проески, кога Работнички ќе се обиде да ја надомести големата негатива.