Работнички утре од 18 часот ќе го пречека белорускиот Торпедо-Белаз во реваншот од првото квалификациско коло на Конференциската лига. По поразот од 0-3 во првиот натпревар, задачата за Романтичарите е исклучително тешка, но во таборот на скопскиот тим не се предаваат.
Тренерот Бојан Маркоски најави борбена игра и истакна дека фокусот ќе биде ставен на подобро издание, а не на резултатот од првиот дуел.
„Нѐ очекува реванш со Торпедо-Белаз и сега имаме целосна слика за противникот. Се надевам дека ќе прикажеме многу подобра игра од првиот меч. Нема да се оптоваруваме со резултатот, бидејќи не заслуживме таков пораз. Ќе се фокусираме на нашиот настап и ќе се обидеме да бидеме поорганизирани и поефикасни. Верувам дека тимот ќе одговори на предизвикот – има уште 90 минути и Работнички ќе се обиде да ја поништи негативата“, изјави Маркоски.
Оптимизам пројави и капитенот Бесир Демири, кој смета дека тимот може да одигра многу подобро пред домашната публика.
„Свесни сме дека мораме да бидеме подобри од првиот натпревар во Унгарија. Торпедо-Белаз е солидна екипа, но верувам дека можеме да се прикажеме во многу поинакво светло. Ако ги сведеме грешките на минимум и ги исполниме тактичките барања, можеме да се надеваме на многу подобар резултат“, истакна Демири на денешната прес-конференција.