Во Битола доживеан првиот пораз сезонава
Работнички не успеа да извлече позитивен резултат, продолжувајќи ја досегашната низа победи, доживувајќи го првиот пораз сезонава, и тоа на дерби натпреварот против Пелистер во Битола.
Битолчани го добија натпреварот убедливо со 3-0 (1-0), благодарение само на грешките во одбраната на „романтичарите“ кои не успеаја да останат до крај концентрирани во желбата непоразени да се вратат од денешното гостување.
Во сосема израмнет натпревар, Работнички имаше две одлични можности прв да дојде до водство на почетокот од дуелот, но не успеаја најдобро да се снајдат Елиф Елмас во 16. минута и Маркоски во 22. минута. Во продолжението домашните ја презедоа иницијативата, па по една грешка во нашата одбрана, Бујчевски во 43. минута, во најнезгоден момент пред самиот крај на полувремето, донесе предност за Пелистер.
Во второто полувреме, се беше фрлено на една карта во нападот. Па во една таква ситуација, во која не успеа да се наметне посериозен притисок пред голот на домашните, во самиот финиш следеа уште два гола на Пелистер. Најпрво, во 85. минута погоди Петар Љамчевски, а потоа и во 88. минута Фернандо ги постави конечните 3-0.
Во самиот финиш, во четвртата минута од судиското продолжение, во домашниот казнен простор беше направен прекршок врз Кире Маркоски за сосема оправдано досуден пенал. Но, ударот од белата точка не успеа да го реализира Елиф Елмас, по што резултатот остана непроменет.
По овој пораз, Работнички сега е на третата позиција на табелата со 9 бода, еден помалку од водечките Вардар и Пелистер.