Најденов: Да фатиме нов победнички залет
Паузата беше добредојдена за тимот на Работнички, да се рехабилитира по долгата серија без победа, а сега мотивација е на максимално ниво за фаќање на нов победнички залет. Избраниците на Виктор Треневски утре (14.30 часот) ја пречекуваат Македонија ЃП на арената „Филип Втори“, и тоа е одлична можност за отпочнување на нов триумфален моментум, како и на стартот од шампионатот.
Играчот за врска Бојан Најденов верува дека паузата е искористена на најдобар можен начин.
„Имаме голема мотивација да ја повториме низата од почетокот на првенството. Работевме добро во овој период на репрезентативна пауза, ја подобривме и физичката издрживост, а имавме и тим – билдинг, за мало опуштање пред новите првенствени искушенија. И мислам дека сме максимално подготвени за нов победнички залет. Го респектираме тимот на Македонија ЃП, но веруваме дека сме поквалитетен состав и дека ќе успееме да ги освоиме трите бода“, вели Бојан Најденов.
Работнички повторно ќе биде домаќин на арената „Филип Втори“.
„Мислам дека и тоа ќе има позитивен ефект за нас. Верувам во добра игра и во победа против Македонија ЃП“, истакнува играчот за врска.