Без голови во Тетово, Работнички елиминиран од Купот
Работнички доживеа елиминација во осминафиналето на Купот на Македонија, откако одигра без голови против Шкендија на денешниот реванш – меч одигран во Тетово. Пресуден беше поразот на првиот натпревар (0-2) што се одигра на стадионот во Ѓорче Петров.
Тренерот Виктор Треневски се обиде на денешниот дуел да внесе неколку свежи фудбалери во првиот состав. Работнички одигра релативно квалитетен натпревар, но, сепак, немаше сили да возврати со иста мера за поразот на првиот меч. Во вториот дел Работнички фрли се на една карта, на нападот, но бедемот на Шкендија не беше пробиен.
Шкендија имаше свои шанси преку Хасани и Жуниор, но голманот Даниел Божиновски беше на висина на задачата. Во завршницата, Филип Ивановски се закани кон Захов, но, сепак, мрежите на овој меч мируваа до самиот крај.
ШКЕНДИЈА – РАБОТНИЧКИ 0-0
Градски стадион во Тетово. Судија: Стојанче Стојанов (Штип). Делегат: Добре Иванов (Кратово).
ШКЕНДИЈА: Захов, Тодоровски, Положани, Цуцули, Мурати (75’ Менендез), Вујчиќ, Бојку (82’ Тотре), Хасани (65’ Ибраими), Имери, Хаберкорн, Жуниор.
РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Силјановски (78’ Стојанов), Митрев, Томаш, Рашо, Наумчевски, Трајчевски, Херера, Дурански, Ристовски (71’ Станковски), Е. Сахити (63’ Ивановски).