Ивановски: Убаво е да се победува, сакаме уште…
Работнички го совлада Шкупи со 3-1 во изминатото коло и го оствари вториот триумф во серија, откако претходно на арената „Филип втори“ нашиот тим славеше и против Македонија ЃП (2-1). А покрај трите бода, на дуелот со Шкупи тимот на Виктор Треневски покажа и многу подопадлива игра, доминирајќи речиси во текот на целиот натпревар. Стрелците се покажаа во вистинско светло, а меѓу нив и Филип Ивановски, кој го постигна вториот погодок.
Искусниот напаѓач вели дека Работнички одиграл квалитетен натпревар, и дека во ист стил треба да се продолжи и понатаму, веќе на следното гостување против Ренова.
„Одигравме навистина квалитетен натпревар против Шкупи. Знаеме дека се работи за цврст противник, кој тешко дозволува да се тресе нивната мрежа, а ние дури трипати успеавме тоа да го сториме. Мислам дека клучен беше првиот погодок на капитенот Трајчевски, постигнат во самиот финиш на првото полувреме. Тоа ги отвори и гостите, а потоа беше полесно и со контранапади во вториот дел постигнавме уште два. Задоволни сме од триумфот и трите бода, влеговме во серија и сега сакаме да продолжиме во ист стил и на следните мечеви. Ни следи гостување во Тетово и дуел со Ренова, која исто така е цврст ривал, со костур на играчи кои подолг период играат заедно. Ќе дадеме се од себе за да продолжиме како и на претходните два меча“, вели Филип Ивановски.