Капитенот слави роденден: Една од желбите е ФК Работнички пак да игра во Европа
Капитенот на ФК Работнички, Душко Трајчевски, денеска го слави 26. роденден. Повеќе од доволен повод за разговор со играчот за врска, да ги каже своите желби за периодот што претстои. Се разбира, ќе ги дувне свеќичките и ќе посака да се остварат.
„Имам повеќе желби, нели…(се смее). Дел од нив секако се поврзани со Работнички и со фудбалската кариера. Можеби најголемата е со клубот повторно да играме во Европа и следната година. Тоа значи дека треба да бидеме успешни во тековното првенство, да го задржиме ова трето место, а зошто да не се обидеме и да се искачиме уште повисоко на врвот“, вели Душко Трајчевски.
Еден од конкурентите за излез во Европа сигурно е и Пелистер, со кој Работнички ќе игра во претстојното 13.коло од Првата лига, пречекувајќи го на домашен терен.
„Се сеќаваме на поразот во Битола. Беше убедлив, а според прикажаното заслуживме многу повеќе. Сакаме да возвратиме и ќе го дадеме својот максимум за да ги освоиме трите бода. Би била тоа навистина значајна победа, како дел од исполнување на мојата желба. Јас си кажав, сега треба заедно со соиграчите и да го реализираме планот“, истакнува капитенот.
Не го играше последниот натпревар со Ренова поради болки во мускулот, а и денеска беше на терапија. Се надева дека веќе од утре ќе почне со тренинзи и дека ќе биде подготвен за дуелот со Пелистер.
„Добил силен удар во мускулот на тренинг и го пропуштив мечот со Ренова. Се надевам дека навреме ќе се опоравам за да бидам во составот за претстојниот меч со Пелистер. Уште еднаш ќе потенцирам, тоа е многу значаен натпревар за нас“, изјави 26-годишниот славеник.