Треневски: Подготвени сме за Пелистер
Работнички утре (13.30 часот) на арената „Филип Втори“ ќе го пречека Пелистер во рамките на 13.коло од Првата фудбалска лига. Ќе биде тоа мошне значаен дуел за нашиот тим, ако се знае дека Пелистер е еден од клубовите кои имаат слични аспирации, за излез на европска сцена следната сезона.
Тренерот Виктор Треневски вели дека екипата е подготвена за мегдан против битолскиот прволигаш и очекува добро издание и позитивен резултат.
„Тренираме и се подготвуваме како и за секој друг натпревар. Дуелот со Пелистер е значаен, но исто како и сите првенствени мечеви. Тие ни се едни од конкурентите за излез на европската сцена, но се уште е рано за такви предвидувања и прогнози, па Пелистер ни е идентичен ривал како и Силекс, Шкупи, Ренова…Можам да кажам дека сме подготвени и желни за надигрување. Се надевам дека момците ќе одиграат квалитетен меч и на крајот ќе оствариме позитивен резултат“, вели Виктор Треневски.
Шефот на стручниот штаб е среќен што во Работнички има можност да работи со млади и талентирани фудбалери, кои ги смета за иднината и на македонскиот фудбал.
„Драго ми е што во Работнички имаме многу младински репрезентативци. Тоа некогаш ни прави и проблеми, фудбалерите се преоптоварени со настапи и за клубот и за репрезентациите, но од друга страна е вистински благодет, да работиш со млади играчи кои претставуваат светла иднина на македонскиот фудбал во целина. Да речеме, Елиф Елмас, со своите квалитети се наметнува како еден од подобрите фудбалери во лигата, а има само 17 години. Треба да го чуваме и да го негуваме. И не само него, имаме во Работнички неколку такви фудбалери“, истакнува Треневски.