Пораз од Пелистер (0-1), Работнички има за што да жали
Работнички го загуби натпреварот од 13.првенствено коло против Пелистер (0-1) што се одигра на „Телеком арена“ во Скопје. Нашиот тим може навистина да жали, со оглед дека беше подобар ривал, во првото полувреме не успеа да реализира пенал, а прими погодок во самата завршница од мечот, во 87.минута. Стрелец на погодокот беше Лукас Кардосо, кој имаше многу среќа, откако ударот го блокираше Рашо и топката го измами Дамјан Шишковски.
Натпреварот започна со внимателна игра од двете страни, а Миленковски и Елмас се обидоа да се заканат со удари од далечина.
Во 26.минута, Силјановски се уфрли во шеснаесетникот на Пелистер, Мишевски стартуваше од зад грб и беше досуден пенал за Работнички. Но, Бојан Најденов не успеа да го реализира, промашувајќи ги рамките на голот.
Во 58.минута, Елиф Елмас имаше убава шанса, но не ја реализира, а играта се забрза во завршницата. Суад Сахити во 82.минута изведе брз контранапад и за малку беше непрецизен со шут од десната страна, а потоа дојде и кобниот момент за Работнички.
Лукас Кардосо беше во акција по левата страна, шутираше откосо од 14 метри, топката удри во Рашо кој се обиде да блокира, и потоа го лобуваше Шишковски, тресејќи ја мрежата.
По примениот гол, Работнички се обиде да стори нешто повеќе, но немаше време за израмнување.
РАБОТНИЧКИ – ПЕЛИСТЕР 0-1 (0-0)
„Телеком Арена“ во Скопје. Гледачи: 500. Судија: Димитар Мечкаровски (Скопје). Стрелец: Лукас Кардосо 87’ (Пелистер). Ж. картони: Маркоски, Илиев, Кардосо, Божиновски, Пашовски (Пелистер).
РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Силјановски, Митрев, Рашо, Херера, Трајчевски, Најденов, Е. Сахити (84’ Дурански), Елмас (84’ Наумчевски), Ивановски, Маркоски (66’ С. Сахити).
ПЕЛИСТЕР: Пашовски, Тошевски, Мишевски, Бојовиќ, Попзлатанов, Маркоски, Божиновски (77’ Аугусто), Илиев (70’ Коњарски), Миленковски, Кардосо, Бујчевски (63’ Трифуновски).