Пораз (2-1) од Силекс во Кратово
Работнички загуби од Силекс со 2-1 на гостувањето во Кратово, во рамките на 14. првенствено коло од Првата фудбалска лига. Почетните и завршните моменти од дуелот беа кобни за избраниците на Виктор Треневски на овој дуел.
Андреј Ацевски уште на самиот старт, во четвртата минута го доведе Силекс во водство од 1-0. Ова беше голем шок за тимот, но, сепак, се обидоа „романтичарите“ да возвратат преку Филип Ивановски. По слободниот удар на Силјановски, напаѓачот Ивановски шутираше со глава, но топката мина над голот.
Работнички стигна до израмнување во 61.минута. Кире Маркоски одлично го проигра Филип Дурански, кој се ослободи од неколку одбранбени фудбалери на Силекс, и со прецизен удар од 12 метри ја затресе противничката мрежа.
Силекс можеше да дојде до ново водство шест минути подоцна. Марјан Мицков скокна највисоко по корнерот од левата страна, упати удар со глава и го погоди дирекот од голот на Шишковски.
На спротивната страна, Дурански имаше нова шанса, со лизгачки старт од петерецот шутираше кон голот на Вујанац, но голманот на Силекс добро интервенираше.
Во самата завршница, Силекс стигна до втор погодок. Глигоров упати центаршут од десната страна, Шишковски речиси ја имаше топката в раце, но ја испушти, дојде до мешаница, Митрев во првиот обид ја спаси мрежата, но топката дојде до Лиридон Иљази, кој ја смести на вистинското место.
По овој пораз, Работнички се наоѓа на четвртата позиција на табелата со 20 освоени бода.
СИЛЕКС – РАБОТНИЧКИ 2-1 (1-0)
Стадион на Силекс во Кратово. Судија: Васко Мавров (Струмица). Стрелци: Ацевски 4’, Иљази 87’ (Силекс), Дурански 61’ (Работнички). Ж. картони: Тимовски, Мавров, Глигоров (Силекс), Силјановски, Дурански, Трајчевски, Херера (Работнички).
СИЛЕКС: Вујанац, Тимовски (61’ Каланоски), Иванов, Стојчевски, Филиповски, Мавров (71’ Танушев), Мицков, Ацевски (79’ Иљази), Глигоров, Пановски, Недељковиќ.
РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Силјановски, Митрев, Најдовски, Херера, Трајчевски, Најденов, Елмас (56’ Рашо), Дурански (88’ Адешина), Маркоски (72’ Е. Сахити), Ивановски.