Трајчевски: Против Вардар да го покажеме квалитетот
Работнички в недела (13 часот) ќе го игра градското дерби против Вардар, меч кој секогаш предизвикува големо внимание во јавноста. По двата последователни порази, ова е можност за нашиот тим токму против лидерот да го покаже својот квалитет. Вака размислува капитенот Душко Трајчевски.
„Имаме два порази во серија, но мораме да гледаме напред и да размислуваме позитивно. Токму на дербито со Вардар да го покажеме својот квалитет и да се обидеме да стигнеме до позитивен резултат. Ја немавме поддршката од фортуната на двата последни меча, примивме голови во завршницата и ги губевме бодовите. Посакуваме сега среќата да биде со нас. Мораме да работиме напорно и да се подготвуваме за новиот тежок дуел што не очекува. Верувам во квалитетите на нашиот тим и се надевам дека ќе одиграме на посакуваното ниво против Вардар“, вели Душко Трајчевски.
Работнички дербито со Вардар го очекува од четвртата позиција на табелата со 20 освоени бода, додека Вардар е првопласиран, со 34 освоени бода.