Најденов за евроголот со Победа: Ако не знаеш како – шутни јако
Работнички ја совлада Победа со 3-1 и го продолжи позитивниот тренд од последните неколку кола, а потегот на натпреварот, евроголот на Бојан Најденов, ќе се памети уште долго и ќе се прераскажува во фудбалските кулоари. Се играше 65.минута, кога Најденов доби топка на средината од противничкото поле, па иако се работеше за завидна оддалеченост од голот на Манчевски, „распали“ по топката и постигна фантастичен погодок.
„Драго ми е пред се што победивме. Тој погодок го скрши отпорот на Победа, дојдовме во водство и потоа се беше полесно, а многу брзо се случи и третиот гол на Херера. Инаку, нема некоја посебна ’тактика’. Што се вели, „ако не знаеш како – шутни јако“. Едноставно, имам доверба во својот удар и често се решавам да го употребам за закана кон противничкиот гол. За среќа, погодив и излезе најдобро. Многу поважно е што ги освоивме трите бода, и се надевам дека и против Брегалница во Штип во последното есенско коло ќе бидеме на висина на задачата“, вели Бојан Најденов.