Втор триумф, совладан рускиот прволигаш Терек Грозни
Работнички ја оствари втората победа на подготовките во Анталија, совладувајќи го четвртопласираниот тим во рускиот шампионат Терек Грозни со 2-0.
Уште на самиот старт од натпреварот, Филип Ивановски успеа да и побегне на одбраната на рускиот тим и го доведе Работнички во водство. Возврати Терек Грозни со ударот на Факундо, но над голот.
Во 30.минута, Трајчевски убаво нафрли, Ивановски шутираше кон противничкиот гол, но топката заврши над гредата.
Во вториот дел, шанса добија и голем број нови фудбалери, а Терек Грозни тргна со амбиција да израмни. Сепак, одбраната на Работнички на чело со голманот Дамјан Шишковски беше цврста и мошне сигурна. Беким Балај се закани, но над голот.
Во 86.минута, Работнички поведе со 2-0. Бенјамин Демир искористи една грешка на противничката одбрана, го проигра Андреј Кудијан кој излезе сам пред противничкиот голман и го совлада.
РАБОТНИЧКИ – ТЕРЕК ГРОЗНИ 2-0 (1-0)
Стадион „Каја Риу фудбал центар“ во Анталија. Стрелец: Ивановски 2’, Кудијан 86’ (Работнички)
РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Силјановски, Митрев, Рашо, Херера, Трајчевски, Елмас, С. Сахити, Дурански, Маркоски, Ивановски: Уште играа: Најдовски, Стојковски, Садики, Кудијан, Борха, Најденов, Лукин, Е. Сахити, Демир.
ТЕРЕК ГРОЗНИ: Гудиев, Утисиев, Муслуев, Вилкер, Кадиров, Лебеденко, Факундо, Батсуев, Торје, Мбенге, Митришев.