Суад Сахити: Очекувам успешна пролет, и за мене и за Работнички
Работнички одигра 1-1 против Шкупи на Чаир, а стрелец на погодокот беше Суад Сахити. Претходно погоди и во првото пролетно коло против Македонија ЃП во триумфот од 0-3, што навестува дека одличниот крилен играч ќе има успешна пролет.
„Среќен сум поради погодокот, но впечатокот ќе беше комплетен ако од Чаир се вратевме со три бода. Сепак, одигравме квалитетно и се надевам дека за тоа ќе бидеме наградени во понатамошниот тек од шампионатот. Имавме одлични подготовки во Анталија, се засиливме со неколку искусни фудбалери и верувам дека ова ќе биде успешна пролет и за мене и за Работнички. Целта на клубот е јасна, да се избори пласман во Европа следната сезона, и верувам дека сите ќе го дадеме својот максимум за да ја исполниме“, вели Суад Сахити.
Во следното првенствено коло, Работнички в сабота, со почеток од 14 часот ќе ја пречека Ренова на „Телеком Арена“.