Шиков: Сите веруваме дека Работнички може многу подобро, треба и да покажеме
Работнички ремизираше без голови против Ренова во минатото коло, а веќе претстојниот викенд следи нов голем предизвик за избраниците на Виктор Треневски, гостување против Пелистер, третопласираниот тим на табелата и еден од директните ривали во борбата за излез на европска сцена. Новото засилување, репрезентативецот Ванче Шиков, верува дека Работнички може многу подобро од изданијата во изминатите две кола и тоа ќе го покаже во наредниот период.
„Работнички има квалитет и капацитет за многу подобри игри. Сите веруваме во тоа, треба да го пронајдеме посакуваниот ритам и да им се вратиме на победите. Нешто ни недостигаше на изминатите два меча, против Шкупи и против Ренова, некои мали ситни детали поради кои не успеавме да стигнеме до триумф. Но, верувам дека во продолжението од првенството ќе се наместат коцките и дека ќе се вратиме на победничкиот колосек“, вели искусниот дефанзивец, Ванче Шиков.
Претстои важниот дуел со Пелистер овој викенд, на гостински терен, а Шиков верува дека Работнички ќе се претстави во вистинско светло.
„Тоа е многу важен натпревар за нас, што се вели „меч за шест бода“, со директен конкурент за излез на европската сцена. Но, не смееме да влеземе во него како да е и решавачки, и по него завршува првенството. Треба да го задржиме мирот и да подобриме неколку аспекти во играта, според насоките на тренерот Виктор Треневски, по што верувам дека можеме да извлечеме поволен резултат“, истакнува Ванче Шиков.