Реми без голови против Победа во Прилеп
Работнички одигра реми без голови на гостувањето против Победа во Прилеп. На теренот на Могила, кој не дозволува премногу допадлива игра, едноставно мораше да се биде борбен и да се задржи концентрацијата во целиот тек од натпреварот. Нашиот тим имаше повеќе од играта, имаше и неколку шанси, но останаа нереализирани.
Не се тресеше и мрежата на Дамјан Шишковски, и тоа втор последователен меч, а позитивно е што порази доживеаја и нашите главни конкуренти за излез во Европа. Работнички по 26.коло се наоѓа на третата позиција на табелата со 43 бода, шест повеќе од Пелистер и осум повеќе од Силекс.
Првата можност ја имаше Иван Вуковиќ од слободен удар, но неговиот шут заврши во живиот ѕид. Победа се закани преку Шаркоски и Гешоски, но без поголем ефект. Во 25.минута, Филип Дурански со одличен удар од 25 метри ја погоди гредата од голот на Победа, а една минута подоцна истиот фудбалер шутираше директно во добро поставениот Талевски.
Во вториот дел, исто така борбен дуел на теренот на Могила. Во 71.минута, Херера се обиде со удар од далечина, но повторно Талевски беше на место. По ова обид имаше и Филип Ивановски, но мрежите останаа да мируваат.
ПОБЕДА – РАБОТНИЧКИ 0-0
Игралиште на Могила во Прилеп. Гледачи: 1000. Судија: Стојанче Стојанов (Штип). Ж. картони: Цветаноски (Победа), Вуковиќ (Работнички).
ПОБЕДА: Талевски, Ѓоргиевски, Крстески, Ристевски, Најдовски, Илиески, Станиќ, Наумоски (70’ Мустафов), Цветаноски, Шаркоски (53’ Карчески), Гешоски (59’ Војводиќ).
РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Рашо, Митрев (46’ Најдовски), Шиков, Херера, Трајчевски, Дурански, Елмас (76’ Демир), С. Сахити, Вуковиќ, Ивановски.