Елмас: Со многу трчање, желба и борбеност до триумф над Македонија ЃП
Работнички денеска (16 часот) ја пречекува Македонија ЃП на „Телеком Арена’ во рамките на 28.коло од Првата фудбалска лига на Македонија. Позициите на табелата го одредуваат нашиот тим како фаворит на овој дуел, но ваквиот епитет треба да се оправда и на теренот. Младиот Елиф Елмас смета дека тоа е можно само со максимално залагање, трчање, желба и борбеност.
„Ние сме фаворити во дуелот со Македонија ЃП, но знаеме дека тие нема така лесно да се предадат. Имаат млад и полетен тим, на една од минатите средби за малку ќе ни го загорчеа животот. Искуството е на наша страна, исто така и квалитетот, но мораме да наметнеме наша игра уште од самиот старт на натпреварот. Треба да покажеме максимална желба за освојување на трите бода, со трчање и со борбеност да ги надиграме „лавовите“. Верувам дека на таков начин бодовите ќе останат кај нас“, вели младинскиот репрезентативец Елиф Елмас.
Натпреварот ќе го суди Стојанче Стојанов (Штип), а ќе му помагаат сограѓаните Никола Караколев и Ристо Ѓорѓиев.