Несреќен пораз од Шкупи (0-1)
Работнички доживеа пораз од Шкупи (0-1) на мечот кој се одигра на стадионот во Ѓорче Петров, во рамките на 29.коло од Првата фудбалска лига. Среќата овојпат не беше на страна на избраниците на Виктор Треневски, со оглед дека Филип Ивановски во последните моменти од натпреварот не успеа да реализира пенал за нашиот тим. Голманот на Шкупи, Суад Зендели, го одбрани неговиот удар.
Во натпревар без многу шанси, прв се закани Вуковиќ, но без ефект. Шкупи успеа да поведе во 43.минута, кога Бесар Исени со неколку дриблинзи ја надмудри одбраната на Работнички по левата страна, а потоа шутираше во спротивниот агол од голот на Шишковски.
Во 61.минута, Филип Ивановски шутираше со глава од пеналтикот, но директно во добро поставениот Зендели. Пет минути подоцна, Шишковски одлично реагираше како централен дефанзивец надвор од шеснаесетникот спречувајќи противнапад на Шкупи. Во 85.минута, Ивановски уште еднаш шутираше со глава, но повторно во Зендели.
Во последните моменти од мечот, Работнички нападна со сите сили, а беше досуден пенал поради игра со рака на еден од дефанзивците на Шкупи. Филип Ивановски застана на белата точка, шутираше, но Суад Зендели го одбрани неговиот удар и донесе триумф за Шкупи.
РАБОТНИЧКИ – ШКУПИ 0-1 (0-1)
Стадион во Ѓорче Петров. Судија: Зоранчо Темелков (Кавадарци). Стрелец: Исени 43’ (Шкупи). Ж. картони: Дурански, Шиков (Работнички), Адем, Бајрами (Шкупи).
РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Силјановски (57’ Демир), Рашо, Митрев, Шиков, Наумчевски, Најденов (67’ Дурански), Трајчевски, Елмас, Вуковиќ (78’ Маркоски), Ивановски.
ШКУПИ: Зендели, Малиќи, Кривањева, Адем, Зука, Б. Асани, Бајрами, Кадриу (83’ Јаневски), Демири (53’ Шабани), Ј. Асани, Исени.