Треневски им даде шанса на младите, но Победа беше подобра (0-3)
Работнички доживеа пораз (0-3) од прилепскиот прволигаш Победа на мечот кој се одигра на стадионот „Борис Трајковски“, во рамките на 35.коло од Првата фудбалска лига. Тренерот Виктор Треневски на овој меч им укажа шанса на неколку помлади фудбалери да се стекнат со прволигашко искуство, со оглед дека нашиот тим избори пласман во Лигата на Европа за следната сезона.
Беше очигледно дека на Победа и гори под нозете и дека потребни и се трите бода, па успеаја да ги освојат.
Веќе во втората минута Победа имаше можност да поведе, но пеналот не успеа да го реализира Благоја Гешоски. Тој го погоди дирекот од голот на Божиновски. Сепак, попрецизен беше во 15.минута, кога ги доведе гостите во водство. Доби употреблива топка, упати силен удар од десетина метри и ја затресе мрежата на Работнички.
До крајот на првиот дел, Работнички се обиде преку Марио Станковски и Трајчевски, но без ефект.
Во 60.минута, Победа поведе со 0-2. Нововлезениот Шаркоски повлече во противнапад, нафрли во шеснаесетникот, а Станиќ погоди за втор гол на прилепскиот тим. Во самата завршница, и Николче Шаркоски постигна погодок, за конечни 0-3.
РАБОТНИЧКИ – ПОБЕДА 0-3 (0-1)
Стадион „Борис Трајковски“ во Маџари: Судија: Марјан Гоцевски (Струмица). Стрелци: Гешоски 15’, Станиќ 60’, Шаркоски 84’ (Победа).
РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Стојковски, Најдовски, Шиков, Борха (68’ Тодоров), Наумчевски, Ацковски, Трајчевски (58’ Вуковиќ), Најденов, Станковски (76’ Ивановски), К. Маркоски.
ПОБЕДА: Талески, Илијовски, Ристевски, Ѓоргиевски, Најдовски (78’ Војводиќ), Илијоски, Мустафов, Цветаноски (58’ Шаркоски), Наумоски, Станиќ, Гешоски (73’ Неданоски).