Треневски: Задоволство од оствареното, обврската е сега Европа
Работнички го исполни својот план за излез на европска сцена и следната сезона. Го освои третото место во изминатиот шампионат во Првата лига, и повторно ќе се натпреварува во квалификациите за Лигата на Европа, со надеж дека овојпат ќе оди многу подалеку од стартното прво коло.
Тренерот Виктор Треневски по успешната сезона, доби доверба и во следниот шампионат да го предводи Работнички. Според неговите анализи, целта е остварена, сезоната е успешна, но последните резултати не беа за пример.
„Апсолутно сме задоволни од тоа што го остваривме во првенството што е зад нас. Минавме трети низ целта, покажавме континуитет, имаше и подеми и падови, но најважно е што одигравме најдобро токму кога беше најпотребно. Тука веднаш сакам и да им се извинам на симпатизерите за последните два лоши резултати, некако предвреме се опуштивме, и никако не смеевме да си дозволиме такви порази против Победа и против Брегалница“, вели шефот на стручниот штаб, Виктор Треневски.
Според него, можеби најдобриот меч Работнички го одигра на гости против Ренова (1-1), иако не успеа да победи. Но, играта беше надмоќна, беа создадени многу шанси.
„Тоа можеби и решавачки момент во првенството. Ренова и Пелистер притискаа за да се најдат на нашето трето место, но тимот одговори на најдобар начин. Натпреварот против Ренова во Тетово можам да го издвојам како еден од клучните, можеби и со наше најдобро издание, кога фудбалерите карактерно одговорија на предизвикот“, потенцира Треневски.
Сега следи нов тест на можностите во Европа.
„Нема многу време за одмор, за неколку дена ќе почнеме со нова работа, мораме да се подготвиме за настапот во квалификациите за Лигата на Европа. Прозивката е закажана за 8.јуни, па иако нема да бидеме комплетни, затоа што одредени фудбалери имаат репрезентативни обврски. Ќе стартуваме во Скопје, потоа ќе заминеме за Словенија на летни подготовки, и ќе се трудиме добро да се подготвиме, затоа што Европа не трпи импровизации. Мораме да бидеме максимално подготвени за европските искушенија, иако е јасно дека тимот нема да го добие соодветниот одмор. Но, таа цена мора да се плати“, вели тренерот на Работнички.
Во меѓувреме, раководството на клубот ќе работи и на освежување на играчкиот кадар. Засега ново засилување на Работнички е Стојанчо Велинов, кој доаѓа од редовите на Ренова.