Утре Треневски прозива за старт на летните подготовки
Работнички од утре повторно ќе биде во погон. Кусо траеше одморот за фудбалерите и стручниот штаб, но обврските со настапот во квалификациите за Лигата на Европа наложуваат летните подготовки да стартуваат веќе на 8 јуни. Шефот на стручниот штаб, Виктор Треневски, утре, со почеток во 16 часот, ќе ја изврши првата прозивка на фудбалерите и ќе го означи почетокот на подготовките.
Првите неколку дена тимот ќе работи во Скопје, во својата база, а потоа ќе замине и на летни подготовки во Словенија. Првиот дел од подготовките ќе го пропуштат фудбалерите кои имаат репрезентативни обврски во националните селекции.