Гости на првиот меч во Сан Марино, реваншот во Скопје на комплексот на ФФМ
Првиот натпревар од 1. квалификациско коло за Лигата на Европа против Тре Пене, Работнички ќе го игра како гостин на 29. јуни во Сан Марино.
По консултациите со УЕФА, и меѓусебен договор со раководството на Тре Пене, одлучено е Работнички најпрво да гостува а реваншот да се игра на 6. јули во Скопје, на комплексот на Фудбалската федерација на Македонија.
„По комуникацијата со нашиот противник на стартот од квалификациите за Лигата на Европа, а во согласност и со УЕФА, одлучивме Работнички да биде гостин на првиот натпревар во Сан Марино. Една од причините е и фактот дека клубовите од таа земја играат на ист стадион во европските натпреварувања, а ја знаеме и моментната ситуација со стадионите и во Македонија. Токму затоа на 29. јуни ќе гостуваме, а потоа на 6. јули домаќини ќе бидеме на комплексот на ФФМ во Скопје, со оглед дека во ист ден и Пелистер ќе биде домаќин на стадионот ‘Младост’ во Струмица“ – вели генералниот секретар на Работнички, Ненад Монев.