Пораз од Ријека во Крањска Гора
Екипата на Работнички претрпе пораз од 2-0 на дуелот против Ријека, кој претставуваше одлична можност за тестирање на способностите на нашиот тим во пресрет на стартот од новата европска сезона. И покрај добрата игра што избраниците на Виктор Треневски ја прикажаа на теренот во Крањска Гора, Словенија, сепак на крајот претрпевме пораз од актуелниот првак на Хрватска.
Хрватите подобро го почнаа натпреварот, па така најпрвин се закани Вешовиќ, а потоа Чрниц ја погоди гредата од голот на Работнички. „Романтичарите“ по дваесетина минути успеаја да ја консолидираат својата игра, па во 22. минута ја создадоа првата стопроцентна шанса, кога Велинов во ситуација „еден на еден“ не успеа да го совлада голманот Слуга. Веднаш потоа Сахити извонредно нафрли од десната страна, но Кадриу не успеа да ја смести топката во мрежата, а периодот на подобра игра го заокруживме со одличниот шут на Сахити од петнаесетина метри, што заврши сантиметри крај дирекот на Ријека.
Хрватскиот првак головите ги постигна во второто полувреме, најпрвин Матеи го отвори резултатот во 60. минута, а само две минути подоцна Хебер ги постави конечните 2-0 на асистенцијата на македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски.
РИЈЕКА – РАБОТНИЧКИ 2-0 (0-0)
СЦ Рудеч. Гледачи: 50. Судија: Андреј Жидаршиќ (Крањ). Стрелци: Матеи 60’, Хебер 62’ (Ријека).
РИЈЕКА: Слуга (46’ Прскало), Мартиќ (46’ Ристовски), Жупариќ (64’ Пунчец), Елез (46’ Шофранац), Жута (64’ Челиковиќ), Малеш (46’ Брадариќ),Мишиќ (64’ Матиќ), Вешовиќ (46’ Ајаји), Горгон (55’ Шантек), Чрниц (46’ Матеи), Гаврановиќ (46’ Хебер).
РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Илиев, Рашо, Митрев, Садики, Херера, Трајчевски, Најденов, Дурански, Велинов, Кадриу. Уште играа: С. Сахити, Е. Сахити, Најдовски, Борха, Станковски.