Трајчевски: Ќе ја оправдаме фаворитската улога и во Скопје
Работнички е фаворит во дуелот против Тре Пене, а минималниот триумф од Сан Марино треба да се потврди и во Скопје, со нова, победлива победа. Вака размислува капитенот Душко Трајчевски, кој беше присутен на прес – конференцијата во пресрет на утрешниот натпревар (17.30 часот, комплекс на ФФМ).
„И пред првиот натпревар напоменав дека Работнички е фаворит, сега по еден одигран дуел тоа можам да го потврдам. Остваривме минимална победа против Тре Пене во Сан Марино, а утре очекувам уште поубедлив триумф на нашиот тим. На првиот дуел имавме неколку избрзани реакции, тоа придонесе да не го отвориме резултатот брзо. Се надевам дека утре ќе биде сосема поинаку и дека ќе славиме поубедлива победа“, изјави Душко Трајчевски.
За утрешниот реванш натпревар против Тре Пене, шефот на стручниот штаб ќе ги има на располагање и дефанзивците Ванче Шиков и Леон Најдовски, кои беа суспендирани за првиот меч, а во комбинација е и Стојанче Велинов.