Херера: Динамо Минск е многу посериозен предизвик за нас
Работнички во рамките на второто квалификациско коло од Лигата на Европа ќе игра двомеч против белорускиот тим Динамо Минск. Првиот дуел ќе се одигра в четврток, со почеток во 18 часот, на комплексот „Петар Милошевски“ во Куќата на фудбалот во Скопје.
Левиот бек Себастијан Херера верува дека нашиот тим може да стигне до успех и со предност да замине на реваншот во Белорусија.
„Дуелите со Динамо Минск се многу посериозен предизвик за нас. Знаеме дека се работи за квалитетен тим, но веруваме во сопствените квалитети и се надеваме дека ќе оствариме победа, за да заминеме со предност на реваншот во Белорусија. Секако, ќе биде многу важно и да не дозволиме да се затресе нашата мрежа. Тоа е можеби и клучно, кога се играат вакви европски дуели“, истакнува Себастијан Херера.
Одбраната на Работнички овојпат ќе биде ослабена, без услугите на репрезентативецот Ванче Шиков, кој заминува од клубот и кариерата ќе ја продолжи во Тобол, прволигашот од Казахстан.