Трајчевски: Имаме квалитет да ја минеме и оваа пречка
Капитенот на Работнички, Душко Трајчевски, ја препушта фаворитската улога на тимот на Динамо Минск, но сепак порачува дека „романтичарите“ ќе имаат што да кажат и покажат во претстојниот двомеч од квалификациите за Лигата на Европа. Фудбалерот за врска смета дека Белорусите ќе бидат во предност бидејќи сезоната во оваа држава е веќе стартувана, но Работнички има свои шанси за пласман во следната рунда.
„Реално гледано, Динамо Минск е мал фаворит пред овој двомеч, пред се бидејќи Белорусите се во натпреварувачки ритам и веќе имаат одиграно 15 кола од домашниот шампионат. Без оглед на тоа, ние имаме шанси за да одиме понатаму. Јасно дека ќе ни биде потешко отколку против Тре Пене, треба што поскоро да ги заборавиме тие два меча против ривалот од Сан Марино. Во секој случај, Работнички е подготвен за секој предизвик, ние поседуваме и сили и квалитет за да ја минеме и оваа пречка“ – изјави Трајчевски на денешната прес-конференција.