Најденов донесе реми против Динамо Минск
Работнички ремизираше 1-1 на домашен терен против Динамо Минск, во првиотнатпревар од второто квалификациско коло во Лигата на Европа што се одигра во Скопје, на комплексот „Петар Милошевски“ во Куќата на фудбалот. „Романтичарите“ можат да бидат задоволни од ваквиот исход ако се знае дека до судиското продолжение имаа негатива од 0-1 и играч помалку, пред Најденов од пенал да спречи пораз на нашиот тим против белорускиот претставник.
На самиот старт, Суад Сахити имаше можност, но не ја прифати најдобро топката по проигрувањето од Кире Маркоски. Потоа Динамо Минск имаше одлична шанса во десеттата минута. Квашчински излезе сам пред Шишковски, но нашиот голман со бравурозна интервенција го спаси својот гол. По ова, Динамо Минск имаше уште две изгледни шанси, првата ја расчисти Рашо, а во вториот обид гостите не беа најснаодливи. Суад Сахити се обиде да го изненади Андреј Климович на спротивната страна, но голманот на Динамо Минск беше на вистинското место.
На почетокот од вториот дел, Олександр Нојок упати удар од далечина, а Шишковски беше внимателен, но во 53.минута се затресе неговата мрежа. Кире Маркоски имаше можност во 75.минута, но од работ на шеснаесетникот шутираше над голот. Во 82.минута, спорен момент. Душко Трајчевски падна во противничкиот шеснаесетник, а судијата Арнолд Хантер не се огласи. Само една минута подоцна, Емир Сахити доби црвен картон, по грубиот старт над Никола Лековиќ.
Иако многу екипи би се откажале, Работнички продолжи да игра храбро, а наградата стигна во судиското продолжение. По еден центаршут во шеснаесетникот судијата оправда досуди пенал по стартот врз Билали, по што Најденов беше прецизен од белата точка и донесе израмнување.
Реванш натпреварот меѓу Динамо Минск и Работнички ќе се игра во Белорусија наредниот четврток.
РАБОТНИЧКИ – ДИНАМО МИНСК 1-1 (0-0)
Комплекс „Петар Милошевски“ во ФФМ. Гледачи: 1.000. Судија: Арнолд Хантер (Северна Ирска). Стрелци: Најденов 90’ п. (Работнички). Квашчински 53’ (Динамо Минск). Ж. Картони: Херера, С. Сахити, Трајчевски (Работнички), Кавшчински, Сачивко, Галовиќ (Динамо Минск). Црвен картон: Емир Сахити (Работнички).
РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Илиев (55’ Билали), Рашо, Митрев, Херера, Трајчевски, Најденов, Дурански (59’ Е. Сахити), С. Сахити (67’ Кадриу), Велинов, Маркоски.
ДИНАМО МИНСК: Климович, Кузменок, Галовиќ, Сачивко, Бегунов, Нојок, Лековиќ, Остроук, Лукиќ (68’ Николиќ), Сарока, Квашчински (85’ Карпович).