Најденов: Веруваме во себе, можеме да го ‘прескокнеме’ Динамо Минск
Работнички денеска (17 часот) го игра реванш натпреварот против Динамо Минск во рамките на второто квалификациско коло од Лигата на Европа. По ремито (1-1) во Скопје, нашиот тим има реали шанси за пласман во следната рунда, иако ќе треба да постигне најмалку еден погодок на стадионот „Трактор“.
Бојан Најденов, кој од пенал донесе реми во последните моменти на натпреварот во Скопје, верува дека Работнички може да го елиминира белорускиот тим.
„Веруваме во себе, дека можеме да го елиминираме Динамо Минск. Се работи за квалитетен тим, Белорусите и во Скопје покажаа за каков состав се работи, но мислам дека ние на реваншот можеме да одиграме многу подобро, отколку на првиот меч. Имаме капацитет за тоа, мотивите ниту најмалку не се спорни, и ќе треба едноставно да истрчаме на теренот и да го дадеме најдоброто од себе“, вели Бојан Најденов.
Мечот меѓу Динамо Минск и Работнички ќе се одигра на стадионот „Трактор“ во Минск, со почеток во 17 часот. Главен судија на овој дуел ќе биде Французинот Николас Граинвил, а ќе му помагаат сонародниците Гилјом Дебарт и Филип Жан. Четврти судија е Јоан Хамел.