ФК Работнички е горд на искуството и вредностите кои ги шири преку организацијата на бројни хуманитарни акции, притоа и поддржувајќи проекти во различни гранки преку донации, спонзорства и спроведување на хуманитарни акции за заштита на човековата околина, но и грижа за најмладите.
Фудбалскиот клуб Работнички и понатаму продолжува со својата мисија – да се грижи и да помага на лицата со попреченост и социјално ранливи категории граѓани за нивна инклузија и еднаква партиципација во фудбалот. Нашиот клуб беше единствен репрезент на македонскиот фудбал на Вториот самит на клубови на CAFE (Center for Access to football in Europe)., кој се одржа во Лајпциг, Германија, рамо до рамо со европските гиганти Барселона, Милан, Атлетико, Селтик, Арсенал, Баерн Минхен, Манчестер Сити….
„После првиот самит на клубови во jануари оваа година, ние како клуб почнавме подлабоко да работиме на ова поле. Нашиот клуб оствари одлични контакти со неколку здруженија и организации ширум Македонија, кои активно се грижат и ги покриваат лицата со попреченост. Само како податок колку имаме остварено на ова поле, пред да биде првиот самит на клубови, ФК Работнички го следеа само двајца фанови со попреченост. Од јануари до октомври оваа година, веќе имаме бројка од 64 фанови со попреченост кои биле на мечевите на фудбалскиот клуб Работнички, а некои од нив и активно учествувале во фудбалската игра“, вели Огнен Велевски, кој е Disability Access Officer (DAO) на ФК Работнички.
Оваа година Специјална Олимпијада на Македонија ги користеше терените на Академијата на клубот за тренинзи, Асоцијациите Ластовица, Крик и ДУЦОР „Партенија Зографски“ беа активни партиципанти во фудбалот на Првиот историски меч на ПМФЛ меѓу Работнички и Академија Пандев, излегоа со играчите на терен и собираа топки на мечот. Се одржаа и низа активности за подигнување на свеста за инклузија на различни типови попреченост во фудбалската игра на мечевите на нашиот клуб, а заедно со истите здруженија и ги следевме квалификациските натпревари на репрезентацијата на Македонија. Покрај ова, во соработка со ФФМ , се овозможи и превод на знаковен јазик на некои од натпреварите на ФК Работнички за лицата со оштетен слух.
Вториот самит на клубови за ДАО се одржа од 14. до 16. октомври во Лајпциг, Германија, на „Ред Бул Арена“.
„На овој состанок се зборуваше на теми кои повеќе ги засегаат фановите со попреченост, кои ги раскажуваа своите импресии од стадионите на кои биле гости ширум Европа, и ни дадоа многу важни информации од прва рака како функционира сето тоа на европските стадиони. Работнички на оваа тема може да се пофали дека своите домашни натпревари ги игра на една од најдобро изградени и опремени арени во Европа, стадион кој нуди многу можности за адекватно следење на фудбалската игра на лицата со попреченост, Се разговараше и за подобрување и унапредување на улогата на ДАО интерно во клубовите, нивната застапеност во менаџментот на клубот, како и за додефинирање на улогата за нивниот опсег на работа како во самиот клуб, така и во општествениот развој за адекватна поврзаност и придонес на самиот клуб со локалните невладини организации и здруженија кои ги покриваат лицата со попреченост за нивна подобра застапеност во фудбалот на било кое поле”, истакна Огнен Велевски.
Овој самит на клубови беше одлична можност ФК Работнички да ги зајакне веќе воспоставените релации со клубовите со кои се поврза на Првиот самит на клубови на CAFE во јануари во Барселона. Сега клубот има пријатели во клубови како Барселона, Баерн Минхен, Селтик, Хартс, Клуб Бриж, Слован Либерец, Левадија, Динамо Загреб, Руската Фудбалска федерација, Шпанска фудбалска федерација, Федерациите на Малта, Естонија, Северна Ирска.
Поголема инклузија и еднаква партиципација на лицата со Даунов синдром во фудбалската игра – ова беше пораката што беше испратена денеска пред натпреварот од шестото коло во Првата македонска фудбалска лига меѓу екипите на Работнички и на Македонија Ѓорче Петров. Децата од Дневниот центар за лица со Даунов синдром од Скопје излегоа на теренот заедно со фудбалерите на Работнички со што беше испратена пораката за еднаквост во спортот.
Нашиот клуб продолжува со активностите во насока на поддршка на тенденциите за вклучување на лицата со попреченост во спортот. ФК Работнички се грижи за лицата со попреченост и во таа насока овие дечиња почнаа да тренираат на терените на Тренинг центарот на ФК Работнички.
„Фудбал за сите – пристап за секого“.
===========================================================================
Фудбалскиот клуб Работнички беше дел од првиот семинар на УЕФА за инклузија на лицата со попречености во фудбалската игра и обезбедување на стадионите во согласност со нивните потреби (Centre for access to football in Europe – CAFE) што се одржа од 14 до 16 јануари во Барселона. Од 2015 година, секој европски клуб покрај лиценцата за настап во натпреварувањата на УЕФА и исполнување на регулативите на Финансискиот фер-плеј, мора да има и Disability Access Officer. Огнен Велески го претставуваше Работнички на овој семинар.
„Инклузијата на лицата со попречености во фудбалската игра како и обезбедувањето услови на стадионите во согласност со нивните потреби (пр. пристапни влезови и рампи до трибините, колички, пристапни паркинзи, преведувач за глуви и наглуви, опрема за фудбал за лицата со видна попреченост, организирање фудбалски мечеви и активности во кои тие лица директно играат фудбал….) се од круцијално значење за развојот на фудбалската игра и едно од основните обележја на европските клубови. Честа беше огромна, јас како претставник од ФК Работнички, да бидам дел од првиот Интернационален собир на Disability Access Officers во Барселона, Шпанија и да бидам еден од десетте ДАО кои ги презентираа активностите на своите клубови на ова поле“, вели Огнен Велевски.
Нашиот клуб беше единствен учесник од балканските простори на овој собир.
„ФК Работнички беше единствениот клуб од Македонија и воопшто од Балканот на овој собир. (“Најблиските” клубови беа од Естонија, Малта, Италија..). Нашиот клуб активно учествуваше во дискусиите на тема „Еднаков пристап за сите во фудбалската игра“, презентирајќи ги своите активности и размислувајќи за иновативни решенија, рамо до рамо со клубови како Барселона, Баерн Минхен, Милан, Тотенхем, Селтик, Порто, Спортинг Лисабон, Спартак Москва, Ред Бул Лајпциг, како и Италијанската Фудбалска Федерација, Руската Федерација, Интернационална Асоцијација на Слепите (ИБСА) и останати клубови и асоцијации од 30 земји од Европа“, истакна Огнен Велевски, кој е ДАО офицер на ФК Работнички Скопје.
За директор на CAFE е именуван прославениот холандски фудбалер, Едгар Давидс.
=============================================================================================
ФК Работнички ја одбележа „CAFE Week of action 2019“. Дечињата од асоцијацијата „Ластовица“ и од „Центарот за младински активизам – КРИК”, заедно со учениците со оштетен слух и говор од ДУЦОР ,„Партенија Зографски” од Скопје, учествуваа во дефилето пред мечот со Академија Пандев. Излегоа на теренот во придружба на фудбалерите на двете екипи.
ФК Работнички заедно со своите пријатели ја одбележа „CAFE Week of action 2019“. Дечињата од асоцијацијата „Ластовица“ и од „Центарот за младински активизам – КРИК”, заедно со учениците со оштетен слух и говор од ДУЦОР ,„Партенија Зографски” од Скопје, учествуваа во дефилето пред мечот со Академија Пандев. Излегоа на теренот во придружба на фудбалерите на двете екипи.
За првпат на еден официјален меч од ПМФЛ лица со оштетен слух и говор беа директни учесници во фудбалската игра. Учениците од ДУЦОР „Партенија Зографски“, во директна асистенција на младинскиот кадар на фудбалери од ФК Работнички активно ја следеа играта веднаш покрај теренот.
Играчите и децата подигнаа банер на кој пишуваше „Фудбал за сите! Пристап за секого!“
Заедно учествуваа во подигнувањето на свеста за важноста инклузијата на лицата со попреченост во фудбалот и создавајќи еднакви можности за следење на фудбалската игра.
Фудбалскиот клуб Работнички беше дел од ФАРЕ “Football People” акционите недели кои од 11. до 25. октомври се одржуваат во 60 земји во Европа.
Заедно со Фудбалската федерација на Македонија сите клубови од Првата македонска фудбалска лига, меѓу кои и Работнички се приклучија на акцијата: „НЕ на дискриминацијата, ДА на ЕДНАКВОСТА“.
Кампањата има за цел да ја поттикне социјалната вклученост и да се справи со дискриминацијата користејќи го фудбалот како средство за едукација, инспирирање и промовирање на еднаквоста за сите.
Во пресрет на почетокот на кампањата, извршниот директор на ФАРЕ, Пиара Пауер рече:
„Акцијата „фудбалски луѓе„ обезбедува совршена можност за европскиот фудбал да се здружи за да ја исклучи дискриминацијата и да ја поддржи инклузијата и различноста. Секој кој е вклучен во фудбалот е поканет да учествува во активностите и да даде активен придонес преку организирање на активности. Минатата година беа директно вклучени над 100.000 активни учесници. Заедно можеме да го обликуваме европскиот фудбал како инклузивен ентитет“.
Акцијата безусловно ја поддржува и претседателот на УЕФА, Александар Чеферин.
„Драго ми е да ја понудам континуираната поддршка од УЕФА на нашиот партнер ФАРЕ за АКЦИОНАТА НЕДЕЛА. Нема место за расизам, дискриминација и нетолеранција во фудбалот, а УЕФА има политика на нула толеранција кон таквото однесување. Со користење на врвните клубови и на натпреварите на националните тимови, УЕФА како платформа за промовирање на активностите на ФАРЕ, ние ја нагласуваме нашата цврста заложба за славање на различноста и за инклузивност. Фудбалот е игра која мора да биде достапна за секого, без оглед на тоа кој е, од каде доаѓа и како игра“– вели Чеферин.
Подготвувајќи се за финалето од Купот на Македонија кое ги очекува на 16. мај против Шкендија на националната арена „Филип Втори“, фудбалерите на ФК Работнички денеска беа домаќини на дечиња од приватната градинка „Лилипут“ од Скопје.
Многу радосни детски срца, искрени насмевки, позитивни вибрации и желби да се дознае барем малку за магијата на фудбалот се чувствуваа денеска во Градскиот парк во Скопје. Сето тоа благодарение на фудбалерите на Работнички кои издвоија дел од предвидениот тренинг да им подарат радост на најмалите.
„За нас е задоволство што можеме да бидеме домаќини на вака најмили гости, овозможувајќи им барем малку да се запознаат со убавината на фудбалот. Работнички, како еден од најдобрите спортски колективи во Македонија, никогаш не заборава и на својата општествена одговорност, а токму дел од тоа се и ваквите акции како можност да подариме радост на најмалите“ – истакна спортскиот директор на ФК Работнички, Иван Поповски.
А, задоволството од посетата не го криеја и гостите…
„Чест е што сме тука, во клуб со реноме како Работнички. Посебно ни е задоволство што сме тука на само неколку денови пред финалето во Купот на Македонија. Сите од ’Лилипут’ ќе бидеме големи навивачи на Работнички да дојде до уште еден трофеј, затоа што е тим што се сака“ – рече директорката на „Лилипут“, Симона Калајџиска.