shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Историја

Херојот низ годините

Како започна се (пред 1937)

RuskaPlaza

Дебар Маало е населба на десниот брег на реката Вардар веднаш до Градскиот Парк. Насте Дуковски, еден од првите активисти на Работнички вели дека Дебар Маало имало само четири-пет куќи кога неговото семејство во 1922 година се населило доаѓајќи од Дебарско. Главно се населувале семејства кои доаѓале од Дебар, Галичник и Тетово и тоа најповеќе оние кои се занимавале со ѕидарскиот занает.

Дебар Маало спаѓа меѓу шестте скопски населби кои се граделе од 1923 до 1928 година. Покрај Македонците, го населиле и Срби и нешто Црногорци главно дојдени по Првата светска војна. Во правец на Тафталиџе и селото Долно Нерези се протегале широки полјани на кои младите од Дебар Маало по цел ден играле фудбал. Младинците кои биле вработени едвај чекале да помине долгиот работен ден или да дојде неделата за да се соберат тука и да заиграат топка на две голчиња, а помладите како да не ги познавале другите детски игри – и ним фудбалот им бил најомилен. Неделите и неработните денови биле празник на фудбалот и на сите полјани во Дебар Маало се играло фудбал. Оние со поголемо фудбалско знаење, пак, ги користеле игралиштата на познатите скопски екипи Граѓански и ССК во Градскиот Парк.

Во Дебар Маало постоеле две кафеани: едната се викала „Нада“ и била сопственост на Трајко Георгиевски – Ќорот, а другата „Јавор“ на Радомир Вукичевиќ. Овие две кафани биле главно сврталиште на младите дебармаалци кои тука навраќале секојдневно. Кога не биле на фудбал или во кафеана, младите крстосувале по околните овоштарници или ја посетувале Руската плажа на Вардар.

Во периодот меѓу двете светски војни Дебар Маало се истакнало како една од најпознатите револуционерни населби во Скопје. Дебармаалци речиси исклучиво и припаѓале на работничката класа и секојдневно на своја кожа ја чувствувале репресијата на тогашниот српски режим. Со своите напредни револуционерни идеи се истакнувале многу личности кои подоцна ќе останат запишани како херои во историјата на македонскиот народ, а меѓу нив предничел Дане Крапчев кој најмногу се истакнал во формирањето и организацијата на Фудбалскиот клуб Работнички.

Сфаќајќи ја важноста на фудбалот и моќта која тој ја има и увидувајќи го ентузијазмот за оваа игра како и револуционерната свест на младината, Дане Крапчев ја добил идејата за формирање на клуб кој би имал централно место во животот на Дебар Маало и сите случувања (спортски и револуционерни) во тој дел на градот.

И многу пред формирањето на ФК Работнички младите посакувале и се обидувале да формираат и регистрираат свој фудбалски клуб. Постоеле повеќе обиди за вакво нешто но сите завршувале неуспешно. Ваквите желби биле особено актуелни во 1935 и 1936 година кога постоел голем број на локални екипи кои играле меѓусебно, но ниту една од нив не го прераснала маалскиот, локален карактер. Во ова време ниту тогашната власт не била расположена да разговара за ваквите предлози бидејќи во Дебар Маало имала свое здружение наречено „Хумано-културно друштво Дебар Маало“ преку кое режимот сакал да ја истакне својата „грижа“ за сиромашната работничка класа, но неговата активност згаснала при крајот на 1936 година.

Пролетта 1937 кулминирало прашањето за постоење на организиран фудбалски клуб преку кој оваа средина би се претставила во градот и пошироко. Младите загреано дискутирале дека во маалото може да се состави солидна фудбалска екипа која би била подобра од половина постоечки клубови во Скопје, која би имала најверна публика и слично. Прашањето се поставило во најсериозна форма и постарите повеќе не можеле да молчат и морале да се вклучат во оваа акција. Во меаните кај Трајко и Радомир кои биле сврталиште на младите, во овој период започнало да се расправа за основањето на фудбалскиот клуб и неговото егзистирање.

Формирање (1937)

Во судбинската 1937 неколку настани биле клучни за формирањето на клубот. Најважниот момент се случил на собирот на повлијателните младинци во собата на Дане Крапчев. Тој внимателно ги сослушал сите мислења, а со неговите особини, трпеливост и почитување веќе ги освојувал луѓето, а поради широките познавања се здобил со голем авторитет. Со избрани и убави зборови дал образложение за предлогот да се формира фудбалски клуб, проширувајќи ја концепцијата дека во неговите рамки треба да се формира и библиотека, како и шаховска секција што ќе овозможи масовно опфаќање на младината од Дебар Маало. Неговиот предлог бил едногласно прифатен.

Името Работнички го предложил Дане Крапчев на споменатиот собир, иако според кажувањата на повеќе сведоци, сите потсвесно посакувале такво име. Жителите на овој крај произлегувале од работнички семејства, од работничка средина и кога го слушнале името веднаш го прифатиле. Тоа име ги освоило, се впило во нивните срца и во него гледале нешто возвишено. Тоа име ги исполнило со гордост, фудбалскиот клуб ќе го носи името на класата на која и припаѓаат, се почувствувале среќни дека и на ова поле ќе имаат свој достоен претставник. Активистите на клубот од овој период се сеќаваат дека името Работнички и предложената црвена боја на дресовите биле настан кој ги воодушевил и возбудил сите дебармаалци.

За основањето на клубот и неговото официјално регистрирање требало да се совладаат доста пречки и потешкотии. За клубот да биде регистриран пред надлежниот орган требало да се спроведе постапка која се предвидувала со повеќе правила. Надлежниот орган било Министерството за физичко воспитување на народот на Кралството Југославија од Белград, а пак претходна согласност требало да се добие од Кралската банска управа на Вардарска Бановина во Скопје и управата на Скопскиот фудбалски потсојуз. Последниов всушност бил фудбалското раководство на целата Вардарска Бановина.

Основачкото собрание на клубот било одржано во втората половина на 1937 година (точната дата не може да се пронајде во документите), во кафеаната „Нада“ на Трајко Георгиевски – Ќорот едно неделно претпладне во бавчата на кафеаната во сенката под лозницата. На собранието биле присутни 30-40 лица меѓу кои биле играчите, а имало и некои видни граѓани, како и претставници на други фудбалски клубови од градот. Плановите за иднината на клубот ги претставил кандидатот за претседател Александар Танев. Во неговото обраќање бил изнесен и предлогот клубот да го носи името Спортски Клуб Работнички Скопје со седиште во Скопје, во Дебар Маало, а адреса на просториите на клубот немало потреба да се назначи, бидејќи било доволно да се каже Дебар Маало.

Osnovanje

Правилата на клубот биле подготвувани неколку месеци. Клучно прашање во тој момент било кои лица ќе се јават како основачи, т.е. кои лица ќе одговараат за исправноста на клубот пред власта. Имено, требало да се предложат лица кои од една страна ќе се борат за интересите на клубот, но пред органите на власта би биле политички чисти. Тоа требало да бидат личности со одреден авторитет, позиција во општеството, сериозни и почитувани, во кои власта би имала доверба. Заради својата револуционерна дејност, Дане Крапчев не смеел да фигурира во официјалните документи на клубот ниту да се наоѓа на било каква клупска позиција. По долгите договарања и широките консултации, како предлагачи биле назначени Александар Танев, Благоја Јовановски и Дамјан Жантев – авторитетни граѓани од Дебар Маало кои ги потпишале правилата на клубот.

Pravila

Велешанецот Ацо Танев бил предложен за претседател на клубот заради својата револуционерна дејност, но и политички чиста личност пред власта на тогашната Вардарска Бановина заради која вршел функција во градската општина. Подоцна, првиот претседател на Работнички во една интервју на прашањето што го привлекло кон овој клуб ќе одговори: „Ме привлекоа луѓето. Живеев меѓу нив, во таа сиромашна работничка средина. Луѓето беа добри, посебно младинците. Во таа сиромаштија го сакаа спортот и веќе играа фудбал во некои маалски екипи кои имаа свои имиња. Ги обединивме сите во еден клуб на кого му дадовме име Работнички, односно тогаш Раднички. Името беше класна определба. Кога баравме дозвола на претставниците на власта требаше да им објаснуваме зошто го бараме тоа име и црвената боја. Мене скоро пет часа ме сослушуваа во Управата. Јас давав аргументи кои ги сметав за убедливи. Власта го прифати името но црвената боја не. На власта многу добро и беше познато што значи црвената боја за револуционерното движење, дека тоа е познат симбол и заради тоа не ја прифатија и енергично бараа тој став во правилникот во однос на бојата да се измени.“

AcoTanev

Александар Танев

Членовите на иницијативниот одбор поради ова барање на власта по многу разговори и договарања се договориле да ја предложат црната боја за боја на клубот. Немале избор, морале да тактизираат, неприфаќањето на овој услов можело да го оневозможи основањето на клубот.

Во официјално одобрената боја на дресовите – црна, екипата ги одиграла само двата квалификациони натпревари, за потоа дресовите да бидат заменети со традиционалните црвени кои Работнички ги носи до ден денес. На натпреварот во Тетово со Љуботен во 1938. година полицијата барала играчите да настапат во дресовите кои се предвидени со правилникот бидејќи во спротивно воопшто нема да може да настапат. Играчите и управата ја надмудриле полицијата излегувајќи на теренот со дресови во темноцрвени дресови. Знаејќи го ова, навивачите при влегувањето на играчите на теренот и во текот на целиот натпревар екипата ја поздравувале со скандирање „црвени, црвени“.

Имињата на активистите полицијата на Вардарската Бановина долго и детално ги проверувала. Дебармаалци и тука ја надиграле полицијата одбирајќи личности кои не биле компромитирани, а во исто време биле револуционерни дејци. Љубо Ѓурашковиќ, Александар Санде Мицковски, Борис Мисајловски, Киро Ангеловски – Шапкарот, како и синовите на Трајко Георгиевски – Ќорот: Димко Георгиевски и Никола Георгиевски биле првите активисти на новоформираниот Работнички, а кафеаната „Нада“ долго време била економат и соблекувална на клубот.

Покрај сите проблеми, на клубот му се заканувало и нерегистрирање и поради дејностите на „жолтите синдикати“ односно Југорас (Југословенска радничка странка) која всушност претставувал предавнички синдикат организиран од буржоаската влада која сакала да ги отстрани работниците од суштината на класната борба. Југорас бил собир на разни отпадници кои ја имале улогата на штрајк-брејкери и дејствувале против единството и револуционерноста на работничката класа во тоа време. Во исто време кога дебармаалци поднеле барање за формирање клуб со име Работнички, Југорас поднел исто такво барање за формирање на клуб со истото име. Меѓутоа вистинскиот Работнички покрај љубовта и ентузијазмот на дебармаалци, веќе ги освојувал и симпатиите на целиот град и тоа бил главен фактор кој придонел барањето на Југорас да биде одбиено. Подоцна Југорас најпрво правел напори да го стави Работнички под своја контрола со ветувања за материјална помош, а откако оваа понуда била одбиена се обиделе и со закани да ги заплашат дебармаалци. Сепак, со обемна акција организирана и предводена од Дане Крапчев клубот успеал да им одолее на овие напади.

После сите неволји, проблеми и премрежја со актот број 8666 од 4. октомври 1937 година, одн. сл. бр. 6697/37, правниот назив на оваа новооснована спортска организација бил:

Спорт Клуб „Раднички“

Registracija

Анализирајќи ги натаму одредбите од правилникот, може да се заклучи дека терминот „Спорт клуб“ се однесува на сегашната организациска форма „Спортско друштво“, што самото по себе го зголемува значењето на Работнички. Тоа значи дека ФК Работнички не е формиран како фудбалски клуб, туку неговата организациска форма отсекогаш била спортско друштво.

Pecat

Херојот е роден (1938-1941)

По регистрацијата на СК Работнички во Белград и одобрувањето на неговите правила, екипата нестрпливо ги чекала првите натпревари. Скопскиот фудбалски потсојуз ги одредил екипите на ФК Вардар Топаана и ФК Олимпија да бидат првите противници на Работнички во квалификационите натпревари поради тоа што секоја новоформирана екипа морала да одигра два приемни натпревари за да се оцени нејзиното фудбалско знаење. ФК Вардар Топаана бил еден од најстарите клубови во Скопје кој во натпреварувачката 1937/38 настапувал во Првиот разред во првенството на Град Скопје. ФК Олимпија е формирана подоцна и учествувала во првенството на Вториот разред. Со голем полет и желба за самодокажување Работнички ги одиграл овие два натпревари во висок стил. Вардар го поразил високо со 6:1, додека Олимпија ја победил со 2:1. Натпреварите биле одиграни пролетта 1938 година, по кои Потсојузот го вклучува Работнички во Вториот разред.

2

Пред квалификациониот натпревар со Олимпија во 1937 година

Натпреварувачката 1938/39 е првата официјална сезона на ФК Работнички. Од петте екипи го освоил четвртото место со само еден бод помалку од второпласираната Слога и третопласираниот Рапид. Одиграл осум натпревари од кои победил на четири, а исто толку изгубил. Освоил вкупно осум бодови со гол-разлика 14:11 која всушност била подобра од двете екипи пласирани пред него. Таа сезона победник на Вториот разред била екипата на Олимпија која преминала во повисок ранг.

1

Пред настап на пријателски натпревар во Сингелиќ крај Скопје во 1938 година

Веќе во втората своја сезона (1939/40), полетноста и фудбалското знаење Работнички ги докажал во голем стил освојувајќи го Вториот разред во конкуренција на шест екипи. Во десетте натпревари екипата немала ниту еден пораз, само еден нерешен резултат и убедлива гол-разлика 45:6. Освоени биле деветнаесет бодови, шест повеќе од второпласираната екипа. Како првак на Вториот разред, Работнички преминал во најсилната градска лига.

4

10. јануари 1940 година пред натпреварот со Граѓански во Скопје

Првенството во сезоната 1940/41 не го доживеало својот крај, а во оние малку натпревари кои ги одиграл Работнички забележал една победа, две нерешени и еден пораз. Дел од првотимците на клубот во тоа време меѓу кои Благоја Мисајловски, Михе Ивановски, Стефан Стефановиќ – Треф, Василие Терзиќ – Кореа, Никола Таневски и други се приклучиле кон активностите на партизанското движење во Македонија па во такви околности за нив фудбалот станал второстепена активност и често отсуствувале од тренинзите и натпреварите.

3

13. октомври 1940 година пред натпреварот со ССК во Првиот разред

Покрај гореспоменатите револуционери, за првата екипа во тој период настапувале: Станко Сенковски – Караман, Илија Кокиновски, Коста Ангеловски – Шапкарот, Трајко Николовски, Насте Дуковски, Борис Богоевски – Будо, Крсто Георгиевски, Тошо Венинов, Роман Лечевски, Бошко Димовски – Џамџија, Санде Богоевски, Димче Русјаковски, Бошко Тонев, Милан Качаревиќ, Ване Петровски, Душко Атанасовски, Киро Николовски, Васко Кокиновски, Васе Богоевски, Стевче Попчевски, Мазлам Карабиш, голманот Мумла, Трајче Василевски – Шипош, Анте Андоновски – Кула и секако човекот чие име вечно ќе биде запишано во аналите на клубот, Митко Каварџик кој со сопствени средства ги купил првите дресови на ФК Работнички.

Во овој период Работнички немал изградено игралиште, па тренинзите ги одржувал на полјаните во Дебар Маало. Првото игралиште на клубот се наоѓало кај сегашната барака на Јавното претпријатие за стопанисување со стамбен и деловен простор на плацот на големопоседникот Владан Поповиќ. Овие игралишта биле нермани тревнати терени на кои биле поставени стативи, а натпреварите Работнички ги играл на терените на ССК и Граѓански.

Носејќи ја во себе чесноста како одраз на домашното воспитување и сиромаштијата како белег на тогашните социјално-политички прилики, овие младинци делеле и добро и зло и растејќи заедно се вклопиле во организираниот живот на спортскиот колектив Работнички. Овие оценки биле дадени во написот во весникот „Глас Југа“ (бројот од 1. јануари 1941 година) кој излегувал пред војната во Скопје. Авторот кој се потпишал со иницијалите Б.К. дава позитивна оценка за клубот, велејќи дека младата екипа основана пред само неколку години веќе избила во редот на најдобрите скопски фудбалски екипи. „Во него играат сосема млади играчи, никој не постар од 20 години, работници и пред се добри другари кои извонредно се сложуваат и меѓусебно почитуваат како на теренот, така и вон него.“

За љубовта кон Работнички и симпатиите кои клубот набрзо ги освоил низ целиот град зборува и податокот дека пред секој натпревар во продажба биле пуштани преку 1000 влезни билети кои најчесто биле премалку за сите оние кои сакале да го гледаат Работнички. Билетите ги продавале главно во Чаршијата, по дуќаните, кај службениците и работниците кои со тоа директно го помагале клубот. Работнички најмногу приврзаници имал во Дебар Маало кои редовно давале доброволен прилог и плаќале чланарина. Од овој крај редовно доаѓале по неколку стотини верни навивачи. Во тие први години се создавала традицијата за верност кон клубот, љубовта кон клубот растела од ден во ден, а се воздигнувало се што Работнички претставувал за народот. Оваа љубов продолжила со несмален интензитет и во тешките години кои следувале, а својата кулминација ја доживеала по ослободувањето. Скопјани се радувале, тагувале, често биле разочарани, но никогаш не го напуштиле својот клуб и неговите спортисти.

Во последните денови на 1939 година било одржано второто годишно собрание на Работнички. На ова собрание во Управниот одбор биле избрани Дамјан Жантев за претседател, Александар Ѓерѓановиќ за прв секретар, Љубо Ѓурашковиќ за втор секретар, Димко Георгиевски за благајник и Димитар Таневски за економ. Жантев бил долгогодишен функционер во клубот, имал своја приватна месарница во Дебар Маало и преку неа клубот го помагал сесрдно. Секретарите Ѓерѓановиќ и Ѓурашковиќ кои биле Црногорци по потекло, живееле во Дебар Маало и биле блиски соработници на Дане Крапчев.

Во овој период Работнички преку Дане Крапчев и секретарите на клубот воспоставил контакти со работничките спортски клубови Раднички Крагујевац, Вележ Мостар, Борац Бања Лука и Солин Сплит меѓутоа до официјални пријателски натпревари не дошло поради тоа што активистите на Работнички биле под постојана присмотра од полицијата на Вардарската Бановина. Со цел клубот да не се најде под репресија на режимот, средбите постојано се одложувале.

Возобновување (1945-1949)

Уште во првите месеци по ослободувањето на Скопје, поранешните членови на ФК Работнички кои се наоѓале во градот, а сега на различни функции во народната власт, на разни воени должности, во претпријатијата што се обновувале и формирале, започнале со подготовките за обновување на дејноста на клубот. Подготовките се вршеле во текот на зимата 1944 година, за со доаѓањето на пролетта 1945 година активните членови на клубот да излезат на зелениот терен на своите први тренинзи во ослободениот град.

Ова бил малуброен состав бидејќи половина и повеќе од играчите се наоѓале надвор од градот во воените единици кои се бореле на Сремскиот фронт или во единиците кои ги гонеле остатоците на балистичките и други банди. Некои од нив биле во Првата ударна младинска чета на акција во Скопска Црна Гора.

Меѓу иницијаторите за обновување на работата на клубот како посебно активен се истакнал Трајан Ивановски кој во клубот од 1940 до 1944 година се наоѓал на функцијата секретар. Во прво време својата активност фудбалскиот клуб ја обновил во скромни размери.

Десетгодишната традиција на Работнички ги поттикнала функционерите во општеството на размислување за формирање на масовно спортско друштво кое ќе ја развива спортската активност меѓу скопските работници и ќе ги претставува на полето на спортот. Оваа идеја набрзо била прифатена од активистите на Работнички и бидејќи се вклопувала во поставките за новата организација на физичката култура, по кратки подготовки било одржано основачкото собрание.

На 1. јули 1945 година во просториите на Работничкиот дом во Скопје, во присуство на голем број активисти, спортисти и симпатизери и битни личности од градскиот живот формирано е ФИСКУЛТУРНО СИНДИКАЛНО ДРУШТВО РАБОТНИЧКИ. На истиот состанок бил донесен и статутот на друштвото и бил избран управен одбор. За претседател бил избран Александар Цанко Христов, а за секретар Манас Спасовски.

Дневниот ред на основачкото собрание бил следниот:

1. Читање на решението за пристапување на клубот кон Месниот синдикален совет

2. Поздравен збор од делегатот на Месниот синдикален совет

3. Извештај на секретарот за досегашната работа на клубот

4. Читање и примање на правилникот на клубот

5. Давање разрешница на досегашната управа и избор на нова управа

6. Реферат од Трајан Ивановски под наслов „Организација на работничките фискултурни друштва“

7. Разно

Memorandum

Факсимил од меморандум на ФД Работнички

Една од основните задачи кои собранието ги поставило пред новото спортско друштво била развивањето и омасовувањето на активностите на физичката култура меѓу работничката младина и работниците воопшто. Речиси сите градски работнички фискултурни секции продолжиле преку дејноста на ФСД Работнички. Фискултурните секции како на пример „Градител“, „Треска“, „Графичар“, „Металец“ и други во 1946 година организационо се поврзале за ФСД Работнички.

Активностите за формирање и организација на екипи во различни спортови биле раководени од управниот одбор на друштвото и синдикалниот совет на градот. Во овој период (1945-1948) активноста на Работнички дала значаен придонес во опоравувањето на штотуку ослободеното Скопје.

Паролата „Преку масовноста кон повисоки спортски резултати“ всушност била поставена задача за издигнување на спортскиот квалитет во постојните спортови. Истовремено оваа парола значела и прифаќање на нови спортови за кои во Македонија постоеле услови за развој. Во овој период покрај фудбалот како споредни активности се развивале одбојката, неколку атлетски дисциплини, велосипедизмот, пливањето и сосема малку ракометот. Од сите овие спортови, фудбалот имал најголема традиција и неговото обновување било приоритет. Пролетта 1945 година пред еден натпревар на ФК Работнички се одиграл и првиот одбојкарски натпревар по ослободувањето. Во месец јуни 1945 година во Скопје бил организиран и првиот фискултурен слет во Македонија на кој се одржале натпревари во атлетика. На ова републичко првенство се појавиле и настапиле спортисти од Работнички, а со тоа се поставиле и основите на Атлетскиот клуб Работнички. Ова говори дека Работнички веќе во 1945 година имал три спортски клуба кои играле значајна улога во развојот на македонскиот спорт. Во почетокот на 1946 година бил формиран Скијачкиот клуб Работнички, а неколку месеци подоцна и Кошаркарскиот клуб Работнички кој ќе стане еден од највлијателните и најуспешните претставници на Друштвото.

Поради реорганизацијата во синдикалната организација под чиј патронат се наоѓал ФСД Работнички во 1949 година било предложено Работнички да биде превземен од поголема работна организација која понатаму ќе се грижи за развојот и напредокот на клубот. Изборот паднал на работниот колектив на Македонската железница. Членството на синдикалниот одбор на железничарските работници со воодушевување ја прифатило опцијата за преземање на Спортското друштво Работнички за кое, пак, работата под овој патронат донела уште поголем елан и ентузијазам за постигнување нови успеси на сите спортски борилишта.

Memorandum2

Факсимил од меморандум по преземањето на СД Работнички од страна на Железницата

Револуцинерна активност во периодот 1941-1944

Во овој период спортистите на Работнички и младината од Дебар Маало учествувале во разните револуционерни акции во предвечерието на Втората светска војна. Поради тоа, сите активности на клубот биле ставени во мирување до крајот на мај и почетокот на јуни 1941 година.

5

Составот на Работнички во последните денови пред војната (2. март 1941 година)

Конспиративен и до крајност претпазлив, вршејќи сериозни револуционерни задачи, Дане Крапчев во првите месеци од окупацијата сеуште непознат за бугарската полиција бил зафатен со акции за собирање оружје, организирање обука за ракување со истото и организирање на диверзантски групи и многу често се движел во Дебар Маало. Колибата која претходно ја направил на Руска плажа станала собирен пункт на првите диверзантски групи од Скопје. Револуционерното движење било потпомогнато од населението во Дебар Маало кое влевало сигурност и доверба. Во овој период единствената врска со Работнички му била преку фудбалерот Благоја Мисајловски. На 21 септември 1941 година, СК Работнички се појавил на пријателскиот натпревар во Куманово против екипата на ФК Славија. Меѓутоа, бугарскиот окупатор оценил дека зад овој натпревар можеби се крие револуционерна активност и на претседателот Дамјан Жантев му соопштил дека името Работнички повеќе не смее да се користи. Во исто време, по долго сослушување на Жантев му било соопштено дека клубот веќе не смее да ги користи ниту црвените дресови. Во месец октомври 1941, бугарската полиција наложила да се смени името на клубот, а доколку тоа не се случи ќе го забрани постоењето на клубот. Овие закани биле силен удар за дебармаалци кои во својата немоќ од една страна и желбата да не го изгубат клубот од друга се согласиле привремено да го преименуваат клубот во „Свобода“. Со овој предлог Жантев отишол пред бугарската власт која на негово големо изненадување, веднаш го прифатила.

DanetovataKoliba

Колибата на Дане Крапчев кај Руска плажа

Бугарската власт сметала дека со ваквиот потег овој „мал“ клуб им се прилагодува, прифаќајќи ја нивната демагошка парола односно лага дека тие ја донеле слободата на „бугарскиот“ народ од Македонија. Членовите на клубот, сепак, под тоа име ја подразбирале вистинската слобода која се раѓала преку Народноослободителната борба. Така Работнички го добил новото име, кое ќе го носи во текот на целата окупација на Македонија. Со еднаква горчина во клубот било прифатено и офијално наложеното менување на клупската боја од црвена во зелена, иако црвените дресови никогаш не биле напуштени и само неколку пати биле сменети.

Револуционерниот дух кој играчите го поседувале не им дозволувал да излезат на теренот во зелени дресови и покрај репресијата и заканите по живот кои ги добивале од страна на окупаторот во случај на непочитување на наредбата.

Бугарската полиција редовно вршела рации во Работнички. Бидејќи „мирната“ атмосфера околу клубот и во Дебар Маало им била крајно сомнителна, но никако не можеле да најдат нешто конкретно. Атентатот врз Мане Мачков извршен од дебармаалец бил причина за бугарската полиција да започне со големи рации и детални претреси, а најмногу се сомневала во три личности – членови на Работнички: Дане Крапчев, Благоја Давков и Ѓорѓи Саздовски кои веќе одамна биле во скопскиот партизански одред и ги извршувале овие диверзантски акции.

Револуционерниот дух и желбата за кревање на народно востание против бугарската власт се повеќе се разгорувале во срцата на дебармаалци. Ова не можело да остане незабележано од бугарската власт па прогоните на активистите на Работнички се зголемиле. Активистите на Работнички од српска националност биле најмногу прогонувани, па затоа истите морале да го напуштат Скопје и Македонија. Мишо Вучичевиќ пребегнал во Србија каде се приклучил на партизанското движење и борбите против четниците и успеал да ја преживее првата непријателска офанзива. Кога неговиот одред бил разбиен се вратил во Чачак, а потоа во неговото село Ивањица каде од четниците бил осуден на смрт но никогаш не бил фатен.

Играчите своите тренинзи ги користеле за состаноци и договарање на акциите во борбата против непријателот. Благоја Мисајловски и Михе Ивановски заедно со Никола Јаневски – Јанди работеле на собирање оружје и средства за народна помош. На 6. април 1941 година Јанди и Мисајловски од рововите на тврдината Кале успеале да земат еден митралез и дваесет пушки кои подоцна ги закопале во дворот на Мито Матевски, а ги употребувал Првиот скопски партизански одред.

Душко Атанасовски – Ваќе раководел со организацијата меѓу учениците на Трговската академија. Растурал летки со револуционерна содржина кои често ги делел и на тренинзите. Секретарот Трајан Ивановски – Мачек постојано ги советувал играчите да не носат на игралиштето нешто што би можело да ги компромитира.

На Втори август, на излетот по повод годишнината на Илинденското востание во манастирот Св. Илија бил уапсен играчот Тошо Венинов кој бил предаден од агентот Круме Кросот кој често навраќал во Дебар Маало и Работнички со цел да најде компромитирачки дејанија во клубот. Покрај Венинов, биле затворани и други членови на Работнички, но како по договор никој од нив пред власта не споменувал ништо за клубот.

Во 1942 година во клубот била спроведена акција за собирање средства на народноослободителното движење. За оваа акција бил задолжен секретарот Трајан Ивановски и благајникот Борис Трпковски – Дунда. Клубот многу малку трошел иако имал потреба од постојано обновување на опремата. Играчите се задоволувале со старата опрема која постојано била крпена и поправана, а сите собрани средства од членарината и натпреварите се давале како прилог за народната помош

На 17. април 1942 година на падините на Скопска Црна Гора од страна на Дане Крапчев и Ѓорѓи Саздовски бил формиран Вториот скопски партизански одред, а Дане Крапчев бил назначен за негов политички комесар. Десет дена подоцна, специјалниот воен суд на бугарскиот окупатор го започнал познатиот процес против 45-мина припадници на партизанските единици. Меѓу обвинетите се наоѓале Дане Крапчев, неговата сопруга Веса, Благоја Давков и Мито Матевски. Во обвинителниот акт 132/42 се вели дека Дане Крапчев се осудува како водач на група терористи кои го напуштиле местото на живеење и се наоѓале во Скопска Црна Гора и на 25. октомври 1941 година извршиле минирање на потпорниот ѕид на железничката линија Скопје-Качаник со што го оневозможиле движењето на возовите кои превезувале воени материјали за потребите на германската и италијанската војска. Всушност, во процесот Крапчев е обвинет како еден од организаторите на револуционерното движење и на 9. мај 1942 година со пресудата 133 е осуден на смрт со бесење во отсуство. Во истата пресуда Благоја Давков е осуден на 15 години строг затвор, а Веса Крапчева и Мито Матевски поради недостиг на докази се ослободени од обвиненијата. По судењето, во една група револуционери која била екстрадирана во Бугарија се наоѓал и Мито Матевски.

На 21. август 1942 година во специјалниот воен суд во Скопје, Благоја Мисајловски и Михо Ивановски биле осудени на 15 односно 10 години строг затвор. И овие двајца биле екстрадирани во затворот во Софија од каде Ивановски бил пратен во злогласниот затвор во Варна, а Мисајловски во Хасково. Тој подоцна бил префрлен во затворот во Ќустендил, од каде во септември 1944 година со група македонски затвореници запленил камион со оружје и поминал во Кочани каде се приклучува на Четвртата ударна бригада.

Заедно со Благоја Мисајловски и Михо Ивановски на 15 години затвор бил осуден и Живко Ивановски кој покрај тоа што бил член на првата екипа на ФК Работнички, бил познат и како басистот од Дебар Маало.

Во 1943 година во партизанските единици пристапиле играчите Душко Атанасовски – Ваќе и Игнат Матев.

Со разгорувањето на Народноослободителната борба во Македонија во 1943 година и нејзиното омасовување во 1944 година, поголемиот дел од членовите на СК Работнички (во тоа време Свобода) им пристапиле на партизанските единици.

Во летото 1944 година по одлука на управата спортската активност престанала, а на играчите им било објаснета потребата од јакнење на револуционерното движење. Им биле предложени две врски со револуционерното движење, едната на Скопска Црна Гора, а другата на Китка. Михо Матевски, Никола Таневски, Насте Дуковски, Пере Христовски, Атанас Јанакиевски, Благоја Маневски, Киро Николовски, Душко Миркуловски, Александар Богоев, Миле Арсовски – Главурда и Томе Петровски се упатиле во правец на Китка каде пристапиле во редовите на 12-та македонска ударна бригада која била наречена „скопска“.

Од младинците од Дебар Маало меѓу кои биле членовите на младинските екипи на клубот составени биле неколку ударни групи кои активно учествувале во борбите за ослободување на Скопје.

Спортска активност во периодот 1941-1944

Во месец јуни 1941 година бугарската национална спортска федерација решила за свои членови да ги прими клубовите од „ослободените земји“. Со ова решение се формирале две нови спортски области со седиште во Скопје и Битола. Работнички, односно сега веќе Свобода, станал член на Скопската спортска област и бил примен во „Прва дивизија“ (прва градска лига) во која уште настапувале Ботев, ЖСК и Вардар Топаана. Македонија станала член на „Елитната дивизија“ (национална лига на Бугарија).

6

Екипата од 1941 година заедно со неколку членови на Управата8

Првенството на Скопската спортска област започнало во април 1942 година. Се играло во еднокружен систем, а Работнички ги загубила првите два натпревари и тоа со Вардар Топаана 0:2 и со ЖСК 1:3. Бидејќи ги освоиле првите две места, овие екипи имале право да учествуваат во квалификациите за Елитната дивизија. Работнички го освоил третото место.

Во слободните термини се одигрувале многу пријателски натпревари, а еден од нив бил забележан и од „Скопски весник“. Работнички и ЖСК одиграле пријателски натпревар во кој ЖСК бил голем фаворит и се очекувала негова лесна и брза победа, меѓутоа Работнички се прикажал во добро издание и стигнал до нерешен резултат 2:2. Понатаму весникот забележува: „Важно и радосно е за Скопје што се формираат екипи кои со малку повеќе труд и време ќе и бидат рамноправни противници на ФК Македонија на спортското поле.“

Новото првенство започнало во месец септември 1942 година. Клубовите од Скопската спортска област биле поделени во три групи: Скопска, Кумановска и Велешка. Во првото коло Работнички го победил Ботев со 4:1, што било оценето како големо изненадување бидејќи претходно Ботев го победил Вардар Топаана – првакот од претходното првенство. Другите два натпревари со ЖСК и Вардар ги загубил со 0:4 и одново се пласирал на третото место.

По завршувањето на есенскиот дел на лигата во Скопје се одиграл Зимскиот фудбалски Куп. Работнички во првото коло го победил Ботев со 2:1, а во второто се сретнал со Македонија. Овој натпревар се одиграл на 21. декември 1942 година. Македонија победила со 5:0, а на полувреме било 2:0. За овој натпревар „Скопски весник“ ќе забележи: „ФК Македонија настапи со подмладен состав и само тројца првотимци. Се сретна со екипата на скопските работници. Иако Македонија цело време ја држеше играта во свои нозе, Свобода прикажа упорна игра.“ Интересно во овој текст е тоа што името „Свобода“ се споменува само еднаш, а инаку Работнички постојано е ословуван како „клуб на скопските работници“ што јасно става до знаење дека јавноста во градот добро знаела за кој клуб станува збор и кој е неговиот вистински идентитет.

7

Еден од стандардните состави од 1942 година

Во овој период под стручното раководство на тренерот Илеш Шпиц, ФК Македонија изградила многу квалитетен состав кој поради војната не успеал да ги докаже своите предности. Бидејќи во 1942 година Работнички се префрлил на фудбалското игралиште во Градскиот Парк каде и денес се наоѓа, често пати биле одигрувани тренинг-натпревари со екипата на соседот – ФК Македонија.

Во месец март 1944 година започнале натпреварите од новото првенство. Во првото коло Работнички катастрофално го поразил Ботев со 12:1 (4:0). Во екипата на победникот најдобар во одбраната бил Таневски, а во нападот Димитровски и Атанасовски кој постигнал шест голови. Работнички одиграл 2:2 против екипата на Вардар Топаана, а бил поразен од ЖСК и повторно завршил на третото место.

Интересно е да се напомене дека бугарската културно-просветна организација „Труд и радост“ се обидувала да ги врбува СК Вардар Топаана и СК Ботев да работат и опстојуваат под нејзин патронат. Во „Скопски весник“ било објавено дека била постигната согласност меѓу околиското работничко здружение и управниот одбор на СК Ботев „кој е клуб составен исклучиво од работници“ истиот да стане „Работнички Спортски Клуб“ на ова здружение, со ветување дека бугарскиот работнички сојуз овој нов клуб ќе го снабдува со сета неопходна опрема, а како прва помош му пратил 50.000 лева.

Својата асимилаторска политика бугарскиот окупатор се обидувал да ја спроведе и во спортот. На овој начин се обидел да врбува и спортски екипи. Интересно е дека во таа програма не го предвидувале Работнички, т.е. Свобода.

Во месец август 1943 година се одржал пријателски турнир на кој учествувале четири скопски екипи: Македонија, Вардар, Балкан и Работнички. Во полуфиналето Македонија го победила Работнички со 4:1 (2:1).

Новото првенство започнало во месец септември 1943 година и предизвикало голем интерес поради вклучувањето на ФК Македонија во Скопската лига. Имено, незадоволни од тоа како екипата била третирана во националната лига на Бугарија, ФК Македонија решила да се приклучи во натпреварите од Скопската лига. Во ова првенство Работнички забележал четири победи и два порази. Шар бил победен со 4:0, Ботев со 5:1, Балкан 2:1, од Македонија бил забележан висок пораз од 1:10, Вардар бил победен со резултат 5:3, а бил забележан и пораз од ЖСК но резултатот од натпреварот не е познат. Со завршувањето на третото место на табелата зад Македонија и ЖСК, оваа сезона е оценета како солидна за ФК Работнички.

Покрај солидните резултати на теренот, оваа сезона ќе биде забележана и како трагична заради судбината на еден од фудбалерите на клубот – Томо Кокиновски кој на натпреварот со Шар добил силен удар во ногата и скршеница на потколеницата. Поради ненавремената интервенција на ногата се јавила гангрена и истата морала да биде ампутирана. По повод овој настан, во месец декември 1943 на семејството на Кокиновски од страна на бугарскиот Спортски клуб Левски од Софија му биле донирани 6.000 лева. Имено, бил закажан пријателски меч меѓу ФК Македонија и Левски Софија. Во најавата за оваа средба „Скопски весник“ ќе напише: „Целиот приход од овој натпревар е за помош на настраданиот играч на СК Работнички, Томо Кокиновски, кој од пред извесно време остана без едната нога. На вчерашниот состанок на софискиот СК Левски спроведена е акција за собирање помош меѓу членовите на управниот совет на клубот за настраданиот Кокинов. Уште веднаш била собрана сума од 6000 лева која во недела треба да биде доставена во Скопје и предадена на Кокиновски.“

Како што претходно беше изнесено, спортската активност на Работнички во 1944 година била сериозно намалена, а во летото истата година и престанала. Речиси сите членови на екипата и управата на клубот биле вклучени во завршните операции за конечното ослободување на градот и земјата, а активноста на Работнички продолжила во слободна Македонија.

Во периодот за време на војната (1941-1944) за ФК Работнички односно Свобода настапувале следните спортисти: Стојан Видински, Атанас Геџо Јанакиевски (голмани), Душко Миркуловски, Киро Николовски, Трајка Николовски, Васко Кокиновски, Никола Таневски – Јанде, Благоја Мисајловски, Михе Ивановски, Александар Сандре Богоевски, Бошко Димитровски – Џамџија, Благоја Маневски – Жапче, Тошо Венинов, Миле Јовановиќ, Толе Кокиновски, Стојче Костовски – Толчи, Димитар Димитровски – Циц, Славко Матовски, Душко Атанасовски, Игнат Матеев, Митко Танев – Каварџик, Трајко Василевски – Шипош, Богоев, Кула и Зија.

14 Херои

Денеска многу луѓе во Македонија, а поготово во Скопје се чудат зошто „малиот“ клуб од Дебар Маало носи голем прекар како што е „Херој“. За сите зачудени и неинформирани душегрижници подолу следи објаснување.

Според податоците со кои се располага и сеќавањата на многу членови на клубот, во Народноослободителната борба на југословенските народи, загинале 14 функционери и спортисти на Работнички. Меѓутоа, се претпоставува дека овој број е далеку поголем бидејќи за некои од предвоените членови на клубот кој по окупацијата го напуштиле Скопје постоеле информации дека се вклучени во партизанските единици во другите југословенски држави но за жал нивната трага се загубила.

Заменувајќи ги фудбалската топка и копачките со оружје и муниција на бојиштата ширум земјава против окупаторите следните членови на Работнички ги вградија своите животи во темелите на слободна Македонија.

Дамјан Дане Крапчев – Стари

DaneKrapcev

Човекот кој е најзаслужен за формирањето на Работнички и неговиот развој во раната клупска историја е роден 1912 година. Живеел во Ивањица близу Чачак, во Прилеп, Штип и Скопје каде ги завршил основното училиште и гимназијата.

Работел како организатор на востанијата во шарските села, а извесно време поминал во Шарскиот партизански одред. Учествувал во формирањето на Првиот косовски батаљон кој подоцна бил приклучен кон Третата македонска ударна бригада. Со оваа единица чиј политички раководител бил токму тој учествувал во пролетната офанзива.

Неговиот живот посветен на Работнички и револуционерното движење во Македонија згаснал во жесток судир со бугарската фашистичка војска на планината Плачковица на 24. мај 1944 година.

Денес едно скопско основно училиште, една од главните улици во Дебар Маало како и неговата Месна заедница го носат името Дане Крапчев.

Благоја Давков

BlagojaDavkov

Главниот помагател на СК Работнички е роден во 1921 година во Скопје. Заедно со неговиот учител Дане Крапчев во август 1941 година станал член на Првиот скопски партизански одред. Исклучително смел и одлучен учествувал во сите акции на одредот. Подоцна живеел во Штип и Велес од каде во 1942 година се поврзал со Вториот скопски партизански одред. Работејќи на илегални акции против окупаторот, во 1943 година дошол во Скопје и бил накодошен по што паднал во рацете на бугарската полиција.

Без судење бил претепан, а подоцна и обесен во скопскиот затвор од страна на полицијата.

Денес една од главните улици во Дебар Маало го носи неговото име.

Томо Пуре Пуриќ

TomoPure

Томо е роден во Крушево во сиромашно семејство. Егзистенционалните проблеми го натерале мошне млад да се пресели во Скопје. Работел во културно-уметничкото друштво „Абрашевиќ“ и во скопската пиварница.

Како член на управниот одбор на Работнички и покрај големата зафатеност често се движел меѓу спортистите на клубот. За време на окупацијата, во неговата куќа се криеле многу партизани што го натерало во 1942 година да премине во илегала и да се префрли во Урошевац каде работел како врска на револуционерното движење. Од таму се вратил во Тетово каде бил избран за комесар на Батаљонот „Мирче Ацев“.

Загинал во борба со бугарската фашистичка војска во месец јуни 1944 година.

Здравко Цветковски

ZdravkoCvetkovski

Членот на Управниот одбор на Работнички е роден 1921 година во Скопје. Доаѓа од печалбарско семејство, а по завршувањето на основното училиште заминал за Белград каде учел во средно техничко училиште.

Својот револуционерен дух покрај за развојот на Работнички, го насочил во борбата против експлоататорскиот ненароден режим. Во борбите против бугарскиот окупатор во 1944 година, како припадник на Третата македонска ударна бригада загинал во Струмичко.

Денес, главното средно техничко училиште во Скопје, како и ученичкиот дом во центарот на Скопје популарно наречен „хармоника“ го носат името Здравко Цветковски.

Стефан Стефановиќ – Треф

StefanStefanovic

Бурен и трагичен бил револуцинерниот пат, но и животот на омилениот играч на Работнички, популарниот Треф.

Роден во Скопје во сиромашно семејство во 1924 година, на своја шеснаесетгодишна возраст воден од својот младешки дух се приклучил на револуционерното движење. Во дворот на својата куќа често криел оружје поради што и бил сомнителен на бугарската полиција која го протерала во Србија.

Во 1942 година бил затворен од специјалната полиција и испратен во концентрационен логор во Германија. Подоцна бил префрлен во злогласниот концентрационен логор Боти во Норвешка. Во 1943 година загинал при обидот за бекство од логорот.

Во последните неколку години пред војната бил главен играч на Работнички по десната страна. Вљубеникот во оваа спортска игра бил најредовен на тренинзите, а на натпреварите секогаш се истакнувал со големо залагање и борбеност. Иако низок по раст и прилично млад, играл со воодушевување поради што бил љубимец на навивачите.

Иако бил зафатен со учење и како активист на партизанското движење, наоѓал време и за самостојни додатни тренинзи па неговите соиграчи велеле дека е „полн со кондиција“ и на незаменлив на десната страна, подеднакво и во одбраната и во нападот.

Василие Терзиќ – Кореа

VasilieTerzic

Високиот Црногорец роден 1921 година во Скопје со години бил незаменлив на голот на Работнички. Смел и силен, бил еден од столбовите на екипата. На своите соиграчи им влевал сигурност и самодоверба. По победите бил „главен“ на заедничките забави и дружења. Иако Црногорец, ги љубел македонските народни песни и на споменатите забави редовно го молел Коле – Јанди да му пее „на увце“.

Заедно со соиграчите бил редовен посетител на слаткарницата „Тина, но само заради тоа што истата се наоѓала во близината на Женската гимназија.

Загинал во борба со германско-четничките војски некаде во Србија.

Јозо Перазиќ

Во Спортскиот клуб Работнички, покрај активните спортисти како членови на управата освен Македонците се јавувале Срби, Црногорци и Турци. Еден од нив бил и Јозо Перазиќ, Црногорец од Петровац на море кој по завршувањето на Трговската академија останал да живее и работи во Скопје.

По окупацијата ја започнал својата револуционерна дејност и останал илегално да живее во градот. Во 1943 година загинал на Кајмакчалан во борба со бугарската војска.

Миодраг Милиќ

MiodragMilic

Столбот на одбраната на Работнички бил пристојно и сериозно момче кое на фудбалската игра и приоѓало совесно и одговорно. Роден во 1921 година во Скопје, живеел во Дебар Маало во близина на Паркот.

Во 1940 година се запишал на Воената академија и како нејзин питомец војната го затекнала на територијата на Босна. Бил заробен од страна на Германците во Фоча од каде по неколку дена успеал да побегне од логорот и да се врати во Скопје.

Поради својата националност бил принуден да го напушти градот и да замине во родното место на татко му во близината на Чачак. Во Србија се поврзал со Народноослободителното движење, а во почетокот на 1943 година се приклучил на Чачанскиот партизански одред. Станал борец на Краишката бригада со која учествувал во завршните борби на Сремскиот фронт каде храбро загинал во 1945 година.

Ацо Димитровски

Во Работнички работел како член на Управниот одбор во 1940 и 1941 година. Бил член на прогресивното студентско движење и на напредната македонска интелигенција.

По окупацијата целосно се вклучил во организирањето на вооруженото востание и собирањето народна помош. Откриен од страна на бугарската полиција бил осуден на смрт во отсуство.

Во почетокот на 1944 година станал член на Третата македонска ударна бригада каде работел како политички комесар на една од единиците. За време на Мајската офанзива бил заробен и стрелан во Кочанско од страна на бугарските фашистички единици.

Благоја Димитровски

Популарната „резерва“ е роден 1920 година во Скопје. Живеејќи во Дебар маало, а како заљубеник во фудбалската игра било неминовно да стане член на Работнички. Бил секогаш дванаести играч на Работнички, каде ги заменувал далеку постарите и поискусни играчи.

По ослободувањето на Скопје станал член на XV-от Македонски корпус, со кој учествувал во борбите на Сремски фронт. Со својата бригада се пробил до Врпоље каде загинал на 16. април 1945 година во улични борби со Германците.

Страте Ивановски

StrateIvanovski

Роден е 1921 година во Лазарополе и мошне млад дошол на печалба во Скопје. Општиот работник живеел во Дебар Маало каде станал член на Работнички.

Во 1944 година станал член и на Третата македонска ударна бригада, а нешто подоцна и политички комесар на една од четите. Учествувал во борбите против балиститео и Германците, а бил и меѓу борците кои го ослободиле Скопје.

Неколку дена по ослободувањето на градот со својата единица заминал кон реката Лепенец кај Ѓорче Петров каде бил смртно ранет од страна на балистите.

Перо Михајлов

Роден е 1924 година во сиромашно семејство. По завршувањето на основното училиште изучил занает и станал кројачки помошник. Живеел во Дебар Маало и играл фудбал за младинската екипа на Работнички.

Во август 1944 година станал член на Шеснаесеттата македонска ударна бригада со која учествувал во сите борби околу Скопје, а потоа и на Сремскиот фронт. Загинал на 16. април 1945 година кај местото Будровци во пробив на германско-усташките позиции.

Миле Арсовски – Главурда

MileArsovski

Роден е 1928 година, израснал и се формирал како личност во Дебар Маало. Секој дел од своето слободно време го поминувал на игралиштето на Работнички, а по завршувањето на основното училиште работел во скопската ложилница.

На Дванаесеттата македонска ударна бригада и се приклучил на Китка станувајќи борец во Втората чета на Вториот батаљон. Како спортист и силно момче многу брзо станал пушкомитралезец. Со неговиот пушкомитралез бил еден од првите борци кои се нашле на улиците на Скопје на судбоносниот 13. ноември 1944 година ослободувајќи еден по еден објект. Така, напаѓајќи меѓу првите кај Учителската школа бил смртно покосен со дум-дум куршум.

Јордан Симовски

JordanSimovski

Роден е 1920 година во селото Теарце, Тетовско но уште како дете дошол во Дебар Маало. По основното училиште станал машинобравар во скопската ложилница. Покрај членството во Фудбалскиот клуб Работнички бил член и на музичката секција.

Почетокот на војната го затекнал на отслужување на воениот рок каде се разочарал од предавството на кралските офицери и уште поотворено се вклучува во револуционерното движење. Некое време по окупацијата заминал за Крушевац каде се вработил во фабриката за вагони.

Во 1941 година бил поставен за командир на Првата чета на Расинскиот партизански одред. Загинал во месец февруари 1942 година во борба со окупаторската жандармерија.

Сеќавања

Работнички од Скопје на двапати играше во Првата лига на Југославија

Фудбалерите на Работнички од Скопје, покрај Граѓански (пред Втората светска војна), Победа (Скопје), Вардар, Тетекс и Пелистер можат да се пофалат дека на двапати играле во Првата лига на поранешна Југославија. Работнички играше и во Четвртата зона и Втората лига во Југославија, со години се натпреваруваше во Првата лига на Македонија, играше дури и во Втората лига. Имаше и падови и блескави моменти, од неговите редови потекнува една плејада на одлични фудбалери кои ја пишуваа историјата на македонскиот фудбал. Работнички беше формиран (тогаш под името Раднички) во пролетта 1937 година кога во кафеаната на Трајко Георгиевски – Ќорот се одржа основачко собрание. Прв претседател на клубот од популарното Дебар Маало беше Ацо Т анев.

По Втората светска војна Работнички учествуваше во првото првенство на Првата лига на Македонија 1946 година заедно со Македонија и Победа од Скопје, Гоце Делчев (Прилеп), 11 Октовмри (Куманово) и Пелистер (Битола) кога го освои четвртото место. Првак беше Победа.

За првпат Работнички стана член на Првата лига на поранешна Југославија во сезоната 1952 година, како второпласирана екипа во Втората лига на Југославија. Прв беше Вардар со само бод предност пред Работнички. Во таа лига играа и Вележ, Будуќност, Раднички (Белград) Одред (Љубљана), Загреб…

Интересно е да се напише дека Вардар и Работнички одиграа три натпревари во Втората лига. На двапати победи Работнички со 2:1, првиот меч беше поништен, но во преигрувањето беше нерешено 1:1.

Во таа сезона во конкуренција на 12 клубови (се играше ?брзопотезно?, Работнички играше во втората група (Вардар беше во првата) и на крајот го освои претпоследното место и испадна од лигата.

По вторпат во друштвото на најдобрите клубови во поранешна Југославија Работнички се најде во сезоната 1953/54 но беше последен и повторно испадна. Во оваа сезона се сретна со Вардар во прволигашка конкуренција и двапати играше нерешено со него – 2:2, 1:1.

1. Благој Ивановски – Марјан

генерален секретар.

2. Стојан Богоевски – Гајда

тренер, кој беше прв од Македонија кој работеше во Турција.

3. Мирослав Јовановски

претседател

4. Кирил Гичевски – Гинда

Кариерата ја почна во скопска Победа.

5. Миле Герасимовски – Гале

одличен техничар. И тој почна во скопска Победа. Играше и за Вардар на оној меч со Хајдук и катастрофалниот пораз од 12:1. Денес се грижи за игралиштето на Работнички.

6. Благој Мојсов

играше само за Работнички

7. Георги Георгиевски – Жути

настапуваше со успех и за Вардар.

8. Цветко Бачваровски

брз, експлозивен, градител на играта.

9. Урош Петровски

покрај Работнички играше и за Победа (Скопје) и долго време беше центархалф на Вардар во неговите први прволигашки денови.

10. Спиро Петровски

сигурен еден од најдобрите играчи на Работнички, легенда на клубот.

11. Кирчо Стојановски

12. Стевче Димитровски

играше за Победа и Вардар

13. Д-р Војче Димитровски

со голем успех играше десно крило и за Вардар.

14. Тодор Балевски – Велф

кариерата ја почна во Вардар. Извонреден играч. Татко на познатиот фудбалер Ванчо Балевски.

15. Божо Вучиновски

центарфор, изразит голгетер.

16. Атанас Радевски – Брсјак

халф и полутка. По Работнички настапуваше со голем успех и за Вардар.

17. Христо Христовски – Мулац

покрај за Работнички го носеше дресот во почетокот на скопска Победа и на Вардар. Одлично лево крило, брз пробивен, со одлични центаршутеви.

Од оваа генерација повеќе не се меѓу нас Благоја Ивановски, Стојан Богоевски, Мирослав Јовановски, Кирил Гичевски, Благој Мојсов, Георги Георгиевски, Тодор Балевски и Божо Вучиновски.

Дебар Маало живееше за Работнички

Годинава се навршуваат 70 години од постоењето на еден од најпопуларните клубови во Македонија – Работнички од Скопје

„Дебар Маало не е шала“, често ја слушаме оваа мошне популарна песна на Влатко Стефановски за едно од најпознатите маала во Скопје, кое и во далечната 1937 година се гордееше со својот фудбалски клуб Работнички, се гордее и денес, бидејќи миленикот на дебармаалци последниве години е сигурно најдобар клуб не само во Скопје туку и во Македонија.

Иако за Работнички во шега велат дека има навивачи кои можат да се сместат во еден пајтон, Работнички во изминатите 70 години, откако почна да егзистира, остави траен белег во македонскиот фудбал. Низ неговите редови поминаа голем број познати фудбалери, го тренираа плејада познати тренери, двапати играше во Првата фудбалска лига во поранешна Југославија, беше прв клуб од Македонија кој настапи и во Втората југословенска лига по далечната 1947 година, кога Скопје се’ уште мирисаше на барут по завршувањето на Втората светска војна.

Во овие изминати 70 години Работнички, денес со додавката Кометал, имаше успеси и падови, но секогаш наоѓаше сили да се извлече од кризата и да стане она што е денес – најдобар и најорганизиран клуб во Македонија, иако можеби со нашата констатација нема да се согласат најзагреаните навивачи на Вардар. Но, колку и да ги боли оваа вистина, од неа не може да се избега.

Сакаме со овој напис да ги потсетиме најстарите љубители на фудбалот во Скопје и Македонија на тие денови кога беше формиран Работнички, а помладите да ги запознаеме со историјата на овој популарен клуб од Дебар Маало.

Според раскажувањата на тогашните фудбалски активисти, забележани во книгите „Скопски фудбалски незаборави“ и „40 години од формирањето на СД Работнички“, Работнички е формиран во втората половина во далечната 1937 година. Точниот датум не можеше да се пронајде ниту во еден документ.

Меѓутоа, за формирањето на клубот и неговата регистрација морало да се совладаат многу пречки во тоа време, бидејќи постапката била мошне комплицирана. Била потребна согласност од Министерството за физичко воспитување на Кралството Југославија, со претходна согласност на Кралската банска управа на Вардарска бановина во Скопје и Управата на Скопскиот фудбалски потсојуз.

Во една од најпознатите кафеани во тие години во Дебар Маало – „Нада“, чиј сопственик бил Трајко Георгиевски-Ќорот, се одржало основачко собрание на кое присуствувале околу 50 лица, фудбалери, жителите на Дебар Маало, меѓу кои имало и видни граѓани. На собранието било одлучено клубот да се вика Раднички, кој набрзо потоа си го доби своето денешно име – Работнички.

За прв претседател на клубот бил избран Ацо Танев, кој како службеник работел во градската општина, кој заедно со Благоја Јовановски и Дамјан Жантев е прв потписник на правилата, а во управата, покрај нив, влегле Димко Георгиевски, Александар Санде Мицковски, Љубо Ѓурашковиќ, Борис Мисајловски, Кире Ангеловски-Шапкарот и Никола Георгиевски, познати дебармаалци.

Со оглед на тоа дека власта го барала списокот на членовите на управата на клубот, биле предложени луѓе кои не и’ биле сомнителни поради својата политичка припадност.

И правилата на клубот морало да одат на разгледување во полицијата, која барала во нив да влезе и посебен текст во кој се вели: во клубот најстрого се забранува да се разговара за верата и за политиката.

Власта го прифатила предложеното име Раднички (Работнички), но не дозволила Работнички да настапува во црвени дресови. По многу натегања и разговори, основачите предложиле фудбалерите да истапуваат во црни дресови, варијанта на мошне темноцрвена боја, во кои клубот одиграл само два претквалификациони натпревари, а потоа ја прифатил својата и денес препознатлива боја – црвената.

За новоформираниот клуб Работнички, кој одиграл два приемни натпревари според тогашните правила, го победил Вардар со 6:1 (не е тоа денешен Вардар), а Олимпија со 2:1, играле: Благоја Мисајловски, подоцна долгогодишен претседател на клубот, Миле Ивановски, Стефан Стефановиќ-Треф, Васил Терзиќ-Кореја, Никола Таневски-Јанди, Станко Сенковски-Караман, Илија Кокиновски, Коста Ангеловски-Шапкарот, Трајко Николовски, Насте Дуковски, Борис Богоевски, Митко Таневски-Каварџик, кој со своите пари ги купил првите дресови, Бошко Димовски-Џамџија, Бошко Тонев и многу други.

Клубот во тие години немал своја просторија, меѓутоа беше доволно да се напише само Работнички – Дебар Маало и пратката ќе дојдеше на вистинското место. Инаку, соблекувалната на играчите и економатот биле во подрумот на кафеаната „Нада“.

Во овој период Работнички немал свое игралиште, тренинзите ги одржувал на полјанките во Дебар Маало, првото игралиште, повеќе импровизирано, се наоѓало на местото каде што се сега бараките на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор. Официјалните натпревари ги играл на игралиштата на ССК и Граѓански.

За своите натпревари пуштал во продажба по 1.000 влезници по цена од пет динари, кои членовите на управата и клубот сами ги продавале. Ги пласирале главно по дуќаните и чаршијата, многумина ги купувале, иако не доаѓале на мечевите, за да му помогнат на клубот. Работнички имал и спомагателни членови кои плаќале по илјада динари месечно, најмногу Дамјан Жантев, инаку касап од Дебар Маало, другите членови по 100 динари, другите кој колку имал.

Првиот успех во својата историја Работнички го постигнал со освојувањето на првото место во Втората лига на Скопје 1939 година.

За Работнички тогаш настапувале: Васко Кокиновски-Макара, кој почнал како голман, Роман Лечевски, Миле Качаревиќ, Диме Русјаковски, Васе Богоевски, Никола Таневски, Благоја Мисајловски, Тошо Венинов, Бошко Димитриевски, Мизлам Карабаш и Стефан Стефановски-Гроф.

Почна да настапува и во Првата лига на Скопје, но поради Втората светска војна првенството беше прекинато.

По ослободувањето, во поранешна Југославија, Работнички играше во тукушто формираната Македонска лига, во која го освои четвртото место, 1946 година, а следната сезона 1947 година беше втор, со што обезбеди пласман во Втората лига на Југославија.

Тој успех го постигнаа: Илија Игњатовски, Чедо Хаџиски, Цветан Бачваровски, Владо Димитровски-Киц, Миле Михајлов, Шпире Петровски, Роман Лечевски, Душко Стефановски, Таки Ивановски, Христо Георгиевски-Рицко и Ѓоко Августовски.

И на крајот, по ова навраќање кон историјата на Работнички, да потсетиме дека во 1952 и 1954 година играше во друштвото на најдобрите клубови во Југославија – во Првата лига. Тој тим од 1952 година се смета за еден од најдобрите во историјата на Работнички: Тодор Балевски-Велф, Кире Гичевски-Гинда, Урош Петровски, Блажо Мојсов, Божо Вучиновски, Војче Димитровски, Шпире Петровски, Цветко Бачваровски, Кирче Стојановски, Христо Христовски-Мулац и Атанас Радевски-Брсјак.

Првиот ноќен фудбалски меч во Скопје под рефлектори од Македонски народен театар

Натпреварот се одигра на 20 јуни 1946 година на денешното игралиште на Работнички

Кога е одиграно првото фудбалско првенство на Македонија, колку екипи ја сочинувале тогашната Прва лига, кој беше и првиот шампион на нашата држава, сигурно ќе ги интересира читателите на „Утрински весник“, особено оние помладите љубители на фудбалот. Ќе биде интересно и кога е одигран прв ноќен натпревар под рефлектори во Скопје.

Прелистувајќи ги деновиве веќе одамна пожолтените страници на тогаш единствениот дневен весник во нашата држава „Нова Македонија“, издадените книги за историјата на фудбалот во Македонија, кои, за жал, нема многу, особено на колегата Ивко Панговски „Скопски фудбалски незаборави“ пронајдовме навистина интересни податоци кои по многу години ќе ги објави „Утрински весник“.

Првото фудбалско првенство на Македонија е одржано во пролетта 1946 година со само шест екипи: Победа, Македонија и Работнички од Скопје, Гоце Делчев, денешна Победа од Прилеп, 11 Октомври (Куманово) и Пелистер (Битола). Се играше двокружно, секој со секого. Во таа конкуренција на шест екипи првото место во тогашната Македонска, денес Прва лига, го освои Победа од Скопје со 17 пред Македонија со 16 и Пелистер со 8 бодови, Работнички беше четврти со 7, 11 Октомври и Гоце Делчев со по 6. За Победа која подоцна се фузионираше со Македонија кога двата клуба го формираа Вардар, играа познати имиња на македонскиот фудбал: Ѓорѓи Цинциевски-Џинка, Христо Христовски-Мулкац, Кипро Кипровски, Трајче Серафимовски-Жената, Јоска Тодоровски, Гале Герасимовски, Менсур Бајрами, Микале Мартиновски, Драган Георгиевски-Геџо, Борис Ивановски-Буби и Крсте Георгиевски. Меѓутоа, интересно е да се напише како беше формирана таа Македонска лига. Имаше и квалификации, особено за скопските клубови кои ги имаше повеќе. Тука беа покрај Македонија, Победа и Работнички, уште и Единство од Чаир, Шар, Индустријалец од Ѓорче Петров, подоцна Југококта, Пролетер од Маџир маало, Балкан, Зафер, денешна Слога Југомагнат. Во таа квалификациона група беше и Љуботен од Тетово, еден од најстарите клубови во Македонија.

Веројатно многумина и не знаат дека Победа од Скопје е прв тим од Македонија кој во таа далечна 1946/47 година играше во Првата лига на Југославија по војната. Пред неа прв прволигаш беше Граѓански од Скопје кој настапуваше во Првата лига во сезоната 1938/39.

За Граѓански во таа далечна 1938 година играа: Демиќ, Јовановиќ, Видовиќ, Ристиќ, Б. Симоновиќ, С. Симоновиќ, Цветковиќ, Богоевиќ, Николиќ, Атанацковиќ и Чемерикиќ.

Во тој единствен прволигашки настап во поранешна Југославија Победа во конкуренција на 14 екипи го освои осмото место. Шампион на Југославија беше белградски Партизан. Следната сезона, член на Првата лига на Југославија беше Вардар, по фузијата со Победа и Македонија.

Тоа беше приказната за првиот фудбалски шампионат на Македонија, за првите прволигаши во поранешна Југославија. Втората приказна е за првиот ноќен натпревар одигран во Скопје на денешното игралиште на Работнички на 20 јуни 1946 година. Се сретнаа Македонија и Работнички. Според малку податоци што ги имаме, Македонија победила со 1:0. Ќе биде интересно да се напише како е одигран тој ноќен натпревар кога многу години подоцна, на сегашниот Градски стадион беа монтирани рефлектори. Желбата да се одигра ноќен натпревар, прв во повоеното Скопје беше голема, интересирањето кај љубителите на фудбалот уште поголемо. На самото игралиште, покрај аут линијата, од една и од друга страна биле поставени 14 рефлектори, од 1.400 до 1.600 вати, донесени од македонскиот народен театар, кој беше урнат во катастрофалниот земјотрес во Скопје 1963 година. Бандерите за нивното поставување, јасно се ова беше бесплатно Градско претпријатие за Пошта, телеграф и телефон (ПТТ), а за електричните работи било задолжено претпријатието ФЕП (Федерално електрично претпријатие).

Сведок и актер на тој прв ноќен натпревар во Скопје по војната бил играчот на Македонија, подоцна и на Вардар, професорот Саво Цветковиќ.

– Имаше многу гледачи околу игралиштето, иако рефлекторите беа доста силни, на одделни делови од теренот топката не се гледаше најјасно. Пред мечот беше обоена со бела боја, но и тоа не помагаше многу. Беше навистина интересно, незаборавно, натпревар за кој долго се раскажуваше бидејќи во тоа време да се игра под рефлектори како денес, беше вистинска атракција.

Саво Цветковиќ не се сеќава кој го постигнал голот за Македонија, тоа не е забележано ниту во „Нова Македонија“ освен куса информација за резултатот и за други технички податоци околу поставувањето на рефлекторите од театарот и бандерите.

Саво Цветковиќ не се сеќава на тој состав на Македонија: Драган Геров, Славко Димитровски, Васко Кокиновски, Цветан Давидовски, Ацо Ивановски, Борис Кимовски, Христо Георгиевски, Благоја Петровски, Стојан Богоевски, Гота Сезаир и Саво Цветковиќ, стрелец на двата решавачки гола за Вардар против Слога од Нови Сад, денешна Војводина кога Вардар се пласира во Првата лига.

Не е познат точно составот на Работнички на тој меч, но според раскажувањата на малку живи од тоа време за него играле: Цветан Бачваровски, Миле Михајлов, Шпире Петровски, Илија Игњатовски, Владо Димитровски, Душко Стефановски, Никола Таневски, Тошо Венинов, Чедо Ханџиски, Стевче Димитровски, Стојан Видински, Ацо Тодоровски.

Има некои сознанија дека ноќен натпревар во Скопје имало и 1935 година. Не успеавме да дојдеме до тој податок. Доколку некој од нашите читатели има податоци за тој меч, нашите страници се отворени за соработка.