Гостивар го напушти теренот во 85. минута од натпреварот против Работнички, откако нашиот тим направија целосен пресврт (1-2) во дербито за излез во Европа во 29.коло од Првата фудбалска лига.
Гостивар поведе со голот на Ли Ервин во 66. минута, но потоа шкотскиот напаѓач на Гостивар доби директен црвен картон поради груб старт над Матеј Ангелов, само девет минути подоцна. Тоа целосно го смени текот на натпреварот.
Работнички успеа да израмни преку Ангелов во 79. минута, а комплетен пресврт донесе Кристоџеј Далеј во 84. минута, по асистенцијата на Димитар Данев.
Незадоволни од судиските одлуки, фудбалерите на Гостивар решија да го напуштат теренот и да се повлечат во соблекувалната. Работнички и судиите останаа на теренот во Маџари, во предвидениот рок, но домаќинот не се врати да го доигра мечот.
По ова, јасно е дека Работнички ќе ги добие трите бода со одлука на Натпреварувачката комисија на ФФМ.