Работнички го доживеа вториот пораз во подготвителниот период, откако денеска беше поразен со 0-2 од косовскиот претставник Балкани на пријателски натпревар одигран на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид. Иако „романтичарите“ се подготвуваат за настапот во квалификациите за Конференциската лига, нивната игра, особено во дефанзивниот дел, открива дека имаат уште многу работа пред стартот на европските предизвици.
Гостите од Косово доминираа во првото полувреме и преку два ефективни напади стигнаа до предност. Во осмата минута, Толај го отвори резултатот по една мешаница во шеснаесетникот на Работнички по изведен слободен удар. Потоа, во 23. минута, поранешниот фудбалер на Шкупи, Алберт Диене, со прецизен удар го совлада Васко Василев за конечни 0-2.
Во вториот дел и двата тима создаваа шанси, но недостигот на ефикасност придонесе да нема промена на резултатот. Работнички сега ќе мора сериозно да ги анализира грешките, особено во дефанзива, доколку сака успешно да се претстави на европската сцена.