Почеток на подготовките за новата сезона
Тимот на Работнички ги почна подготовките за новата сезона, во која „романтичарите“ повторно ќе настапуваат во квалификациите за Лигата на Европа, натпреварување во кое и претходните години имавме добри настапи и резултати. На фудбалерите на стартот од овој подготвителен период им се обрати претседателот Поповски, како и тим-менаџерот Игор Ангеловски.
„Посакуваме уште една успешна сезона, а за тоа ни се потребни темелни подготовки. Почнуваме веднаш со напорна работа, затоа што не очекуваат многу искушенија и во Европа, но и на домашната сцена“, истакна тим – менаџерот Игор Ангеловски.
Работнички првите денови од подготовките ќе ги одработи во Скопје, по што следниот петок заминува во Словенија, каде ќе се одржи главната подготвителна фаза за настапите во европските квалификации.
На денешната прва прозивка се појавија и засилувањата доведени веднаш по завршувањето на изминатата сезона, Иван Митров (Шкендија) и Мирослав Јовановски (Тетекс).
Штефан Вујчиќ и Чума Анене од претходно најавија дека од утре ќе се приклучат на подготовките, како и репрезентативците Душко Трајчевски (А репрезентација) и Дарко Велкоски и Кире Маркоски (селекција за играчи до 21 година).