Падна и Јелгава (2-0), одиме на Трабзонспор
Работнички на одличен начин ја брани честа на македонскиот клупски фудбал во Европа. Ја елиминира летонската Јелгава, совладувајќи ја со 2-0 на арената „Филип Втори“, а во третото коло ќе игра против турскиот клуб Трабзонспор.
Капитенот Баже Илијоски уште на самиот почеток го отвори резултатот. Тој го исполни ветувањето, дека овојпат ќе постигне гол од првата шанса и веќе во шестата минута ја затресе мрежата на Јелгава. Цикарски нафрли од левата страна, а Илијоски со одличен удар со глава погоди на вистинското место.
Работнички и во Јелгава беше многу подобар тим, но не успеа да реализира неколку одлични шанси. Вечерва во Скопје, „романтичарите“ тргнаа разиграни и расположени за голови.
Во 16.минута веќе беше 2-0. Брзиот Суад Сахити ги претрча дефанзивците на Јелгава, излезе сам пред голманот Икштенс, го мина и него и пласираше во празната мрежа.
Во 34.минута, Баже Илијоски имаше нова можност. Шутираше со глава по корнерот од десната страна, но не беше прецизен.
Неверојатна шанса не реализира Марјан Алтипармаковски во 57.минута. Суад Сахити одлично продре по десната страна, центрираше во петерецот, а Алтипармаковски оттаму не ја погоди празната мрежа. Потешко беше да не се погоди…
Јелгава тргна малку поофанзивно, а Работнички се задоволи со водството. Сепак, се отвори простор за противнапади.
Нова шанса за „романтичарите“ во 75.минута. Повторно Алтипармаковски беше во шанса, повлече противнапад, можеше да го проигра Илијоски за сигурна реализација, но се реши за соло-продор и погреши.
Јелгава имаше шанса да го шокира Работнички во 85.минута. Редјко упати долга топка во шеснаесетникот, таа дојде до Ошс, кој шутираше од пет метри, но за среќа, директно во добро поставениот голман Даниел Божиновски.
На крајот, сосема заслужено Работнички се пласира во следното коло, каде ќе ги одмери силите со турскиот клуб Трабзонспор.
ВТОРО КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО ОД ЛИГАТА НА ЕВРОПА
РАБОТНИЧКИ – ЈЕЛГАВА 2-0 (2-0)
ВКУПЕН РЕЗУЛТАТ 2-1
Национална арена „Филип Втори“. Гледачи: 2.000. Судија: Иштван Ковач (Романија). Стрелци: Илијоски 6’, Сахити 16’ (Работнички). Ж. Картони: Илијоски, Силјановски, Цикарски (Работнички), Редјко, Латка, Кјушкинс, Ошс (Јелгава).
РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Силјановски, Илиевски, Ристевски, Цикарски, Петровиќ, Вујчиќ, Сахити, Анене (69’ Трајчевски), Алтипармаковски (86’ Јовановски), Илијоски (90’ Маркоски).
ЈЕЛГАВА: Икштенс, Фреиманис, Ошс, Диало, Редјко, Латка, Кјушкинс (84’ Јаудземс), Богдашкинс, Губинс (60’ Кирилинс), Сосранов, Сушкин (80’ Малашенокс).