Кире Маркоски стрелец за Македонија во победата над Северна Ирска
Фудбалерот на Работнички, Кире Маркоски, беше стрелец на победничкиот погодок во триумфот (1-2) на младата репрезентација на Македонија до 21 година на гостувањето против Северна Ирска. Тој го одигра целиот натпревар, а Дамјан Шишковски беше на клупата за резервни играчи.
„Одигравме одличен меч, создадовме многу шанси, а најважно е што победивме. По долго време една наша репрезентација оствари победа во натпревар на кој има негатива по првото полувреме. Немавме среќа во првото полувреме, создадовме одлични шанси за гол, но топката како да не сакаше да влезе во мрежата на противникот. Се вративме резултатски на почетокот од вториот дел, целосно доминиравме, а потоа заслужено постигнавме и победнички гол. Мојот погодок за победа е заслуга на сите во тимот. Се радувам на овој состав“, изјави Кире Маркоски за официјалниот сајт на ФФМ.