Илијоски: Не бевме во својот препознатлив елемент
Работнички одигра 0-0 против Брегалница на арената „Филип Втори“ во рамките на десеттото коло од Првата македонска фудбалска лига, а капитенот Баже Илијоски истакнува дека ова е тежок период за „романтичарите“ кој мора да се издржи. Уверен е дека ќе дојдат и головите и победите во продолжението од шампионатот.
„Ние не бевме во својот препознатлив елемент, а Брегалница е цврста екипа, која умее да се одбрани кога игра на гости. Не успеавме да го пробиеме нивниот бедем и факт е дека не создадовме доволно шанси за погодок. Но, ова е период кој мораме да го издржиме. Имаме неколку повредени фудбалери, ни недостигаа Илиевски, Сахити, Силјановски, Митров, Најдовски. Ова сепак не е оправдување, едноставно не одговоривме на предизвикот. Но, верувам дека брзо ќе дојдат и головите и победите“, вели Баже Илијоски.
Работнички в среда ќе го игра реванш – натпреварот од осминафиналето на Купот на Македонија против Гостивар. По првата средба нашиот тим има сигурна предност од 0-4, обезбедена на гостувањето.