Илиевски: Повредите ги надминавме, сега да го вратиме победничкиот ритам
Повредите и заморот се постојани пречки за Работнички оваа полусезона во Првата фудбалска лига. Како да мораше да се плати данок за одличните игри и резултати во квалификациите за Лигата на Европа, па бодовното салдо во шампионатот не е според очекувањата. Но, искусниот Милан Илиевски смета дека тимот конечно ќе влезе во посакуваниот ритам, со оглед дека повредите се речиси надминати и сега тренерот Игор Ангеловски има на располагање многу поголем фонд на фудбалери. Тоа е секако добра вест пред утрешниот првенствен дуел со Младост Царев Двор на арената „Филип Втори“.
„Имавме многу малери со повредите. Голем дел од фудбалерите беа надвор од тренажен процес, а останатите мораа да пополнуваат „дупки“ во составот, па не играа на своите стандардни позиции. И сето тоа секако влијаеше и на игрите, и на резултатите на тимот. Но, полека се консолидираме. Најголем дел од фудбалерите ги надминаа повредите, иако се уште не сме комплетни. Но, играме се подобро, ја вративме онаа наша позната агресивност во офанзивата. Треба да се подобриме и во дефанзивниот дел, затоа што на секој од изминатите неколку мечеви дозволивме да се тресе мрежата“, вели искусниот дефанзивец Милан Илиевски.
Утре (13.30 часот) Работнички го пречекува тимот на Младост Царев Двор, а надежите се дека ќе освојат трите бода.
„Младост Царев Двор секако е тим што треба да се респектира. Иако се работи за дебитантски клуб во прволигашкото друштво, сепак, во своите редови има голем број искусни фудбалери кои во нозете имаат многу сезони и во прволигашка и во второлигашка конкуренција. Но, мислам дека се ќе зависи од нашето издание. Доколку одиграме на ниво, квалитетно, одважно, концентрирано, мислам дека имаме големи изгледи да оствариме триумф. Ќе го дадеме својот максимум и верувам дека на крајот ние ќе бидеме тимот што ќе се радува. Потребно ни е тоа, за да влеземе во посакуваниот победнички ритам“, истакнува Милан Илиевски.