Трајчевски: Сакаме нови три бода против Младост Царев Двор
Работнички го совлада Младост Царев Двор со 2-0 во неделниот меч од 13.коло во Првата фудбалска лига, а само три дена подоцна ќе следи нов дуел меѓу овие два клуба, во Охрид, на спортскиот комплекс „Атина Бојаџи“. Тоа е последниот одложен меч за нашиот тим, кој е всушност дел од 4.прволигашко коло, а ќе се одигра утре во 13.30 часот.
Играчот за врска Душко Трајчевски се надева дека Работнички ќе успее да стигне до нов триумф против Младост Царев Двор и три бода со кои би се искачил на третата позиција на табелата.
„Победата која во неделата ја остваривме над истиот противник ја зголеми нашата самодоверба. Се вративме во победнички ритам, по трите ремија во низа, и сега посакуваме нови три бода против Младост Царев Двор. Овојпат ќе бидеме гости и ќе биде уште потешко да се разбие нивната цврста одбрана“, вели Душко Трајчевски.
По неколку примени голови во последните минути, во неделата фортуната беше на страната на „романтичарите“. Илијоски и Вујчиќ погодија во судиското продолжение за победа од 2-0.
„Имавме претходно и ние неколку несреќни моменти на натпреварите. Примивме голови кои ни одземаа бодови, а сега среќата нам ни се насмевна. Но, мислам дека потполно ја заслуживме, затоа што игравме офанзивно во текот на целиот меч и се трудевме да дојдеме до победнички погодок. На крајот и успеавме. Што се однесува до утрешниот дуел, секако дека ќе се обидеме многу побрзо да го отвориме резултатот“, истакнува дефанзивниот играч за врска.