Силјановски подготвен за кам-бек: Два многу долги месеци без фудбал
Одлично ја стартуваше сезоната, имаше фантастични настапи во дресот на Работнички во квалификациите за Лигата на Европа и заслужи повик во националниот тим. Но, токму на еден тренинг на репрезентацијата Горан Силјановски го повреди левиот скочен зглоб и паузираше цели два месеци. Сега повторно е во максимален тренажен процес, одигра меч за Б-тимот на Работнички против Тетекс (6-2) и со нетрпение го очекува продолжението од првенството, дуелот со Шкупи.
„Ова беа навистина долги и мачни два месеци за мене. Нема потешко за било кој спортист од периодот кога е повреден и е надвор од терените. Но, најважно е дека сето тоа е зад мене, сега повторно сум во полн тренажен процес, одиграв и меч меѓу Б-тимовите на Работнички и на Тетекс. Ќе настапам и против Б-тимот на Вардар, и полека но сигурно се враќам во натпреварувачки ритам“, вели Силјановски.
Работнички се наоѓа на третата позиција на табелата и е дел од четвртфиналето на Купот на Македонија.
„Мислам дека можевме да имаме и неколку бода повеќе, но имавме кризен период со многу повредени фудбалери. Сето тоа влијаеше на игрите и на резултатите на екипата. Но, на третото место сме, ќе се обидеме да се зацврстиме на оваа позиција и да ја намалиме негативата во однос на Вардар и на Шкендија. Фокусирани сме и на Купот, а во четвртфиналето за противник го имаме Силекс. Веруваме дека можеме да го елиминираме и да го продолжиме патот кон четирите најдобри екипи во најмасовното натпреварување“, истакнува десниот бек на нашиот тим.