Ангеловски со одлично деби на клупата на А-репрезентацијата, играа и Петровиќ и Илијоски
Шефот на стручниот штаб на Работнички, Игор Ангеловски, вечерва го имаше своето деби како нов селектор на македонската фудбалска репрезентација, и како и најголем дел од европските настапи со нашиот тим, го заокружи на најдобар можен начин, со триумф од 4-1 над селекцијата на Црна Гора. По првото полувреме Македонија обезбеди предност од 3-0, а на крајот националниот тим славеше со убедливи 4-1.
„Им благодарам на фудбалерите што ми приредија одлично деби на клупата на македонската репрезентација. Но, уште поважно е што тие ја вратија самодовербата и верувам дека во наредниот период ќе играат уште подобро. Од нив секогаш ќе го барам максимумот, а овој триумф ќе биде потстрек за уште понапорна работа во иднина“, изјави Ангеловски на прес – конференцијата по мечот.
Дел од македонскиот национален тим на овој натпревар беа и двајцата фудбалери на Работнички, Милован Петровиќ и Баже Илијоски. Тие влегоа во игра во второто полувреме од дуелот против Црна Гора.