Убедлив триумф во Купот: Три гола предност (3-0) пред реваншот во Кратово
Работнички обезбеди убедлива предност (3-0) во првиот четвртфинален натпревар од Купот на Македонија против Силекс. Со фуриозна игра во второто полувреме нашиот тим постигна три погодоци и со убава предност ќе патува на реваншот во Кратово. Овој натпревар се одигра на стадионот во Велес, откако клубот доби информација дека нема да може да биде домаќин на арената „Филип Втори“ поради лошата состојба на теренот. Воедно, немаше опција ниту за друг стадион во Скопје.
Работнички уште на стартот најави дека е заинтересиран за убедлив триумф, а првата шанса ја имаше Кире Маркоски, но Симов одбрани. Во 11.минута, беше досуден пенал за Работнички, но капитенот Баже Илијоски не успеа да искористи. Голманот на Силекс, Горан Симов, успеа да го одбрани неговиот удар. До крајот на првиот дел убава можност имаше и Алтипармаковски, но и тој не беше доволно прецизен.
Се она што не успеаја да го искористат во првиот дел, на фудбалерите на Работнички им се исполни во второто полувреме. Мразот го скрши Алтипармаковски со одличен удар од 18 метри, кога во 55.минута ја затресе противничката мрежа. Во 68.минута, и Баже Илијоски се ’оправда’ за нереализираниот пенал со втор погодок за нашиот тим, а во завршницата Штефан Вујчиќ од пенал зголеми на 3-0, за одлична предност пред реваншот во Кратово.
РАБОТНИЧКИ – СИЛЕКС 3-0 (0-0)
Стадион во Велес. Гледачи: 200. Судија: Стевче Шулески (Охрид). Стрелци: Алтипармаковски 55’, Илијоски 68’, Вујчиќ 83’ пенал (Работнички). Црвен картон: С. Рудан (Силекс)
Работнички: Шишковски, Силјановски (Петровиќ), Илиевски, Ристевски, Цикарски, Трајчевски, С. Сахити, Вујчиќ, Маркоски (Јовановски), Алтипармаковски (Ем.Сахити), Илијоски.
Силекс: Симов, Гуцев, С. Рудан, Ацевски, Тодоров, Мариќ, Ристевски, М. Рудан, Распашковски, Клечкароски, Тимовски.