Илијоски: Вардар не е непобедлив
Работнички не знае за пораз веќе 13 натпревари, а последниот го забележа од Вардар (2-1) на 27 септември, кога загубивме несреќно, со гол во последната минута од судиското продолжение. Утре на стадионот во Велес повторно ќе биде на сцена соседското дерби, овојпат во поинакви услови, со оглед дека арената „Филип Втори“, нашиот најголем стадион, ’прогласи’ недостапност до крајот на есенскиот дел од шампионатот.
Но, Работнички имаше повеќе од успешна епизода во Велес, славеше со 3-0 против Силекс во Купот, а капитенот Баже Илијоски се надева дека и на утрешното дерби нашиот тим ќе забележи поволен резултат.
„Дерби – дуелите против Вардар секогаш носат посебни возбудувања и кај фудбалерите будат максимална мотивација. Подготвени сме максимално, очекувам тежок и неизвесен натпревар, голема борба и поволен резултат за Работнички. Го респектираме Вардар, тоа е нашиот најтрофеен клуб, актуелен шампион, но и Вардар не е непобедлив, се покажа тоа во изминатите неколку мечеви. Ние се наоѓаме во добра форма, откако се комплетиравме играме се подобро и подобро и верувам дека ќе одговориме на предизвикот и против Вардар“, вели Баже Илијоски.
Натпреварот од 17.првенствено коло меѓу Работнички и Вардар се игра утре, со почеток од 13 часот, на стадионот во Велес.