Силјановски, Цикарски, Ристевски и Алтипармаковски во списокот на „домашната селекција“
Четворица фудбалери на Работнички се најдоа на списокот на селекторот на А-репрезентацијата, Игор Ангеловски, за претстојната акција на селекцијата на играчи од домашното првенство. Со напомена дека не се повикани фудбалери кои беа дел од последните два дуели на националниот тим против Црна Гора и против Либан, а во неа беа Милован Петровиќ и Баже Илијоски, на списокот за „домашната селекција“, која ќе ги одмери силите со тимот на странците, а потоа и со младата репрезентација до 21 година, се најдоа Горан Силјановски, Мите Цикарски, Кире Ристевски и Марјан Алтипармаковски.
„Ќе одиграме два натпревари, на 12. декември против селекцијата на странци во нашата лига и два дена подоцна против комбиниран тим на младата репрезентација на Македонија. Целта е да добиеме увид во потенцијалот на играчите кои не добија шанса да настапат во А репрезентацијата на контролните натпревари против Црна Гора и Либан. Во составот нема да бидат вклучени играчи од Првата лига кои беа повикани на претходните два натпревари. Ќе биде добар натпревар, тимот на странци со Шпетим Дуро е многу квалитетен, но натпреварот е одлична можност за проверка на потенцијалот на играчите кои ќе бидат во составот“, изјави селекторот Игор Ангеловски за официјалниот сајт на ФФМ.