Ангеловски: Работнички, благодарам за сѐ!
Дојде време за разделба и за нов професионален предизвик, кој е огромна чест и обврска, да бидам селектор на македонската фудбалска репрезентација. Ќе го извршувам максимално професионално и посветено, исто како што тоа го правев и секој ден во овие изминати осум и пол години, прво како спортски директор, а потоа и како тренер, односно тим – менаџер на ФК Работнички.
Би сакал да искажам огромна благодарност за укажаната доверба и за поддршката, пред се до претседателот на клубот, Драган Поповски, но и до секој член, од фудбалерите, преку канцеларијата на клубот, се до економот и лекарскиот тим. Секако, посебна благодарност и до моите соработници во стручниот штаб на ФК Работнички, заедно делевме убави и помалку убави моменти, вечно ќе сеќаваме на победите, шампионските титули и куп – трофеите, а поразите секогаш ги сфаќавме како поука и поттик за понапорна работа во периодот што следи.
Новата функција наметнува нови критериуми и стандарди, не можам да бидам клупски обоен и тоа максимално ќе го почитувам, но моето минато секогаш ќе ме потсетува на сите убави моменти во ФК Работнички…И Ливерпул, и Лацио, и Вардар, и Силекс, и Шкендија, но и Карбинци, и Фортуна Синѓелиќ…И шампионските и куп – трофеите, но и поразите…Најсвежи ми се спомените од блескавото европско лето, Флора Талин, Јелгава, Трабзонспор, Рубин Казањ, но и тоа како драга ми е и елиминацијата на Анортозис…
На ФК Работнички му посакувам се најдобро во иднина, многу успеси и пријатни моменти, победи, трофеи и титули, а не се сомневам дека мојот наследник ќе има фантастична атмосфера и убави услови за работа и за докажување.
Работнички, благодарам за сѐ!
Игор Ангеловски