ФК Работнички, Кире Маркоски и Игор Ангеловски меѓу лауреатите на ФФМ
Фудбалскиот клуб Работнички и оваа година со голем број награди во изборот на најдобрите за сезоната 2014/15 што го направи Фудбалската федерација на Македонија. ФК Работнички како екипа ја доби наградата за фер – плеј, која во име на клубот ја подигна Душко Трајчевски, Игор Ангеловски за резултатите со нашиот тим го доби признанието за тренер на годината, а Кире Маркоски е избран за најдобар млад фудбалер во Македонија.
„Работнички секогаш игра на победа, но и се труди да игра во знакот на фер – плејот, респектирајќи го противникот и сите чинители на фудбалската игра“, истакна Душко Трајчевски, примајќи ја наградата за фер-плеј.
Игор Ангеловски ја доби наградата за тренер на годината, за резултатите постигнати со Работнички.
„Ова е награда која ја добивам јас, но за неа заслуга имаат сите во ФК Работнички. За да се остварат добри резултати, потребно е да функционираат беспрекорно и клубот, и тимот. Ова е уште една одлична можност да се заблагодарам за целата поддршка и одличните моменти што ги имав во ФК Работнички, изјави Игор Ангеловски на сцената во МНТ.
Одличните игри на Кире Маркоски беа крунисани со наградата за најдобар млад фудбалер во Македонија.
„Ова секако ќе ми биде голем потстрек да продолжам уште понапорно да работам во иднина и да прикажувам уште подобри игри. Благодарност до ФФМ за наградата и благодарност до соиграчите од ФК Работнички, затоа што и тие имаа голем удел во моите добри игри“, рече Кире Маркоски.