Маркоски: Головите против Трабзон и против Северна Ирска ми ја одбележаа годината
Фудбалскиот клуб Работнички во своите редови го има најдобриот млад фудбалер за сезоната 2014/15, Кире Маркоски. Тој синоќа во МНТ ја доби својата заслужена награда, за одличните игри во дресот на клубот, но и на младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година, во изминатиот период.
Кире е скромно момче, секогаш потенцира дека тимот е заслужен за индивидиуалните награди во фудбалот, па оваа своја награда секако ја споделува и со соиграчите од ФК Работнички и од националната селекција.
„Благодарност до Фудбалската федерација на Македонија за наградата, навистина многу ми значи, и ќе биде биде еден дополнителен потстрек за понатамошен напредок и докажување. Би сакал да потенцирам дека големи заслуги за неа имаат и моите соиграчи од ФК Работнички и од репрезентацијата до 21 година“, вели Маркоски, и се потсетува на своите најдобри моменти од годината што изминува.
„Ако треба да издвојам, тоа секако се двата гола кои донесоа многу важни победи. Голот против Трабзонспор во Турција, во продолженијата, кога израмнив на 1-1, резултат со кој Работнички го елиминираше моќниот турски клуб во квалификациите за Лигата на Европа. Подеднакво драг ми е и победничкиот погодок за младата репрезентација на Македонија, во триумфот над Северна Ирска (1-2). Се надевам дека и во иднина ќе ги има уште повеќе, и уште поважни погодоци. Во глобала, имав успешна година, во која ме заобиколија повредите, што секако е најважно. Токму претходната сезона се мачев со повреди, а оваа се вратив на најдобар можен начин“, истакнува левокрилниот напаѓач.
Завршува 2015 година, а тој има желби и планови и за следната, секако поврзани со фудбалот и ФК Работнички.
„Имавме успешен настап на европската сцена, одлично туркаме во Купот на Македонија, а имавме мала криза во македонскиот шампионат. Но, на крајот од есенскиот дел од шампионатот сме четврти на табелата, и се надевам дека ќе успееме да ја реализираме целта на клубот, да избориме излез во Европа и следното лето. Лично, посакувам да ме служи здравјето, и да има што е можно подобри игри и повеќе голови“, вели најдобриот млад фудбалер на Македонија, Кире Маркоски.